Сопствениците на времени објекти, кои според најавите треба да се дислоцираат, со писмо се обратија до градоначалникот на Охрид, откако, како што стои во дописот, не успеале да остварат средба со него и покрај нивните обиди.

„Ние сопствениците на времени објекти кои се наоѓаат во општината Охрид , едноставно бараме спас за да можеме и понатака да работиме што значи и понатака да го вадиме лебот кој се потешко се вади во условите во кои живееме и состојбата во кој се наоѓа градот и целата држава. Размислете, бидејки во овие објекти работаат повеќе од 300 лица, кои составуваат едвам крај со крај, и дека истите по најавите од локалната самоуправа треба да се дислоцираат или во најмала рака да плаќаат закуп 30 пати поголем од тој што се плаќа во Р.Македонија, што значи посредно сами да го напуштиме местото каде освен тоа што сами сме се погрижиле да го остваруваме уставното право на работа не сме воедно и товар на системот.

Значи бројката од 300 лица самоангажирани е само една мала бројка во споредба со вкупниот број на луѓе кои се хранат од работата во овие мали за некого бараки. Значи околу 1500 луѓе, жени, деца, мажи се зафатени со оваа работа.

Од една страна правиме секојдневни напори да опстанеме во овој ако може да се нарече бизнис а од друга страна сме соочени со фактот дека каде и да е крајот и на тоа мало парче леб ќе го нема.

Ова наше писмо не претставува ништо друго освен една голема молба да седнете уште еднаш да размислите за дел од граѓаните на градот каде Вие моментално сте првиот, да не останат на улица и да не заминуваат, затоа што секојдневно ја слушаме истата песна дека овој и овој купил карта за еден правец, правец во белиот свет од каде тешко некој потоа се вратил.“ – му пишуваат сопствениците на времени објекти од ул. „Партизанска“ на градоначалникот на општина Охрид.