Во охридската Капетанија на пристаништа деновиве зголемен интензитетот на сопственици кои вршат регистрација на своите пловни објекти. Во моментов вкупниот број на чамци со важечка пловидбена дозвола е 436, од кои 50 скутери, 171 глисер, а останати пловни објекти се 215.

Од бродовите со важечка пловидбена дозвола се „Александрија“ , „Галеб “и „Кристина“,  кои имаат право да пренесуваат 150 патници.

Регистрацијата на пловните објекти се врши зависно од нивната должина. Оние кои се со должина до 5 метри, регистрацијата треба да ја поминат на секои пет години, додека пак оние кои се со должина над пет метри на секои две години. Сопствениците на глисери и скутери регистрацијата на нивните пловни објекти, должни се да ја извршат секоја година.

За технички преглед на чамец, физичките лица во зависност од јчината на механичкиот двигател, треба да платат од 250 до 1750 денари, додека пак за правните лица износот е нешто поголем и тој се движи од 500 до 2500 денари.


Од охридската Капетанија на пристаништа информираат дека преку целата година се организираат полагања на испити за управување со пловни објекти, кои се поинтензивни во текот на летниот период кога се оддржуваат два пати во месецот. Секој кој сака да ја добие оваа дозвола, освен поднесувањето на лекарско уверение, потврда за положен испит за давање прва помош, треба да изврши и уплата од 1000 денари.  

Т. К.