Земјите од регионот на Југоисточна Европа треба да ја интензивираат соработката, бидејќи таа е клуч за нивна успешна европска интеграција, сметаат претстедателите на парламентите и нивните претставници, кои во Охрид учествуваат на десетата јубилејна  Конференција на претседатели на парламенти од земјите вклучени во процесот за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈИЕ, што се одржува во рамки на македонското претседателство со ПСЈИЕ.


Една од главните теми на конференцијата е меѓупарламентарната соработка во регионот и улогата на националните парламенти врз влијанијата предизвикани од економската криза и останатите предизвици. Претседателот на македонското Собрание, Трајко Велјаноски, кој ја отвори конференцијата, истакна дека во време на економска криза парламентите треба да имаат поголема улога во процесот на реформи.

-Законодавната, надзорната и контролната власт од регионот често е под влијание на извршната власт, што треба да биде надминато преку засилување на местото, улогата и позицијата на парламентите, што е од исклучително значење за јакнење за демократските институции. За да можат да ја играат улогата на клучна институција во политичкиот систем, парламентите треба реално да се респектирани од сите субјекти  во политичкиот процес, и од домашните и од надворешните чинители.-истакна Велјаноски.


Според Митја Бервар, претседател на Националниот совет на Словенија, евроинтеграцијата треба да биде главен двигател на земјите од ЈИЕ, што позитивно ќе придонесе кон развој, но и безбедност на целиот регион.

-Националните парламенти мора да се проактивни и да учествуваат во економските реформи-рече Бервар.

Претседателот на парламентарната комисија за надворешна политика на Албанија Фатос Беја истакна дека рецесијата директно влијае врз економииите на земјите од регионот.

-Усвојувањето на европските стандарди ќе ни помогне заедно да ги надминеме предизвиците, посочи Беја.


Ѓемил Чичек, претседател на турскиот парламент истакна дека Балканот  во 21 век покажува дека различните етнички заедници можат да живеат заедно и да се интегрираат. Тој ја истакна потребата од задржување на целовитоста на БиХ, и го поздрави договорот помеѓу Белград и Приштина, нарекувајќи го историски. Истовремено тој изрази надеж дека Атина и Скопје ќе го надминат проблемот со прашањето за името.

Претставникот на Хрватска Јосип Леко, истакна дека иако неговата земја од 1 јули ќе биде рамноправна членка на ЕУ, тоа нема да го промени нејзиниот однос кон земјите во регионот.

Според Небојша Стефановиќ, потпретседател на српскиот парламент, кризата во ЕУ може негативно да влијае на процесот на проширување.

-Се надеваме дека кризата ќе биде надмината и ќе се забрза темпото на проширување на унијата, рече Стефановиќ.

Конференцијата продолжува попладне, а ќе заврши утре со усвојување завршна Декларација.

Г. Момироски