Клубот Сороптимист Македонија – Прв Клуб Струга во почетокот на ноември, 2013 година ќе организира филантропски настан на кој ќе им додели признаници на филантропите од охридско-струшкиот регион. На настанот ќе присуствуваат околу 50 филантропи од нашата земја, на кои Сороптимист како покровител ќе им додели признаници за нивните хуманитарни акции.
– Можеби некои од вас ќе се запрепастат од фактот дека и во Македонија постојат луѓе од типот на славниот Џон Д. Рокфелер, Ворен Бафет, Опра Винфри, Бил и Мелинда Гејтс, и многу други, кои можеби и не се толку моќни и со толкав опсег како претходно-наведените, но верувајте дека доволно прават со тоа што се дел од едно големо филантропско семејство во нашата земја, вели Илина Драгославска, член на Сороптимист Струга.
Во 17-от век, добродетелите ги приложувале своите средства лично до тие на кои им биле потребни, додека луѓето кои денес ги нарекуваме филантропи ги донираат своите средства преку хуманитарни организации и фондации чија задача е тие средства правилно да ги распределат на оние на кои најмногу им се потребни.
– Придобивката која филантропијата како „дејност“ ја има во денешно време е тоа што поради преголемата медиумска покриеност, привлекува се повеќе и повеќе луѓе да заземат дел од истата.Голем број на нови и млади милионери и/или милијардери, како и глумци и артисти, се вклучуваат во филантропски цели се со цел да им помогнат на оние на кои тоа им е најпотребно. Можеби филантропијата станува некој вид на мода во кој сите се обидуваат да имаат учество, односно да бидат шик, но се уште постојат луѓе кои се придржуваат на основното и вечно правило на филантропијата, човекољубието, потенцира Драгославска.
Филантропите се луѓе кои одвојуваат голем дел од своите средства и безрезервно ги доделуваат во добротворни организации или во фондација која тие лично ја направиле; луѓето со нормални примања можат да бидат дел од едно филантропско дело ако донираат мал дел на средства за одредена цел или акција, без притоа да добијат било каква корист од истата.
– Затоа, ако некогаш сте донирале облека која не ви била потребна, пари за луѓе на кои им е потребна операција, а е прескапа за нив, или едноставно сте волонтирале во било каква акција која поддржува некаква добра цел, тогаш да, вие имате дел во сложувалката наречена филантропија или филантропски дела, вели Илина Драгославска.
Како што таа додава, без разлика колку е мало, секое добротворно дело е значајно, како за примателот, така и за дарителот.
OhridNews