Хармоничен сооднос меѓу човековото тело неговата душа и социјалната средина односно општеството во кое живее  е идеал од рајската градина.Од тогаш наваму протераниот човечки род создава пекол  на земјава.  Но не е створен за зло туку истото го бира му дава  простор одстапува од скапо платената душа и тоа онака по старински за стокова размена.Продава душа купува ……..

Е   тоа е прашањето што може да се купи или уште подобро вреди ли купеното колку што вреди човековата душа?

Замислувам огромно мноштво на застапувачи на купената стока.Се возат во скапи автомобили,живееат во сферата на пет звездички,имаат од допирливото и со пари достапното многу повеќе одколку што им треба.А сепак се во постојана трка за уште повеќе.За кого го стекнуваат тоа богатство ?Да не прашувам како го стекнале-тоа не ми е целта.Туку на кој начин на младиот човек да го подготвиш за одбрана од тајкуните на денешницава кои за жал се она кон што стреми се поконтаминираната младешка размисла.Се прашувам кој ќе ја понесе вината за тоа што младите се помалку почитуваат а се повеќе го реметат редоследот на нештата?.Чиј  е изборот да бидат се помалку во домот а се повеќе во дворот?.Кој е одговорен за оној грам дрога кој гратис стигнал до некоја “несватена” личност? Пишував и можеби повторно ќе пишувам дека ние  возрасните сме застанале во одбрана на нивното излегување до пет наутро.Ние родители -ние!

И ај да е тоа еднаш  или ретко па и да свати човек ама секој ден!

Ги сакаме ли ние воопшто нашите деца?

Знаете ли дека децата на училиште во прва смена спијат на час!.

Токму одговорот на една ученичка дека неспиела цела ноќ односно дека директно е дојдена на училиште па затоа е успана ме наведе да пишувам. Или ова оди и понатаму кога се попладне на училиште директно од спиење  доаѓаат на настава па повторно нерасонети.
Ова е чиста вистина од пред два дена.Па да се замислиме малку повеќе сите ние .До кај сме стигнале и како понатаму?Зошто ако моето дете не е проблематично да не ме загрижува детето на соседот или роднината?Зошто се повеќе слушам не ме интересира никој и ништо си гледам само за себе.Или изрази од типот  сам сум се родил (иако ова морам да признам најмногу ме збунува бидејќи се прашувам каде во тој момент била мајката )
Го изгубивме ли компасот?Зарем забораваме дека сме луѓе дека не постапуваме по инстинкт туку по слободна воља која треба да тежнее кон вертикалата да се облагородува со доблести да го бира доброто наместо злото, да  сака не да мрази .Да ја покажеме  љубовта кон нашите деца со тоа што ќе ги опоменуваме а не казнуваме.

Со личен пример дека тешко се заработува но лесно се спие наспроти лесната заработка која скапо чини.Зборувајте дека имаат права но имаат и обврски инаку е се анархија.

Да го негуваме духовното во младите.Нека го почуствуваат мирисот на темјанот, кога носат крст објаснете дека тоа не е моден детал туку  е скапа откупнина..Не се виновни што се околу нас е демонизирано.Пред некој ден застанав со моето пет годишно дете  кај уличен продавач на цд а .Забележа цртан филм .Да не ви опишувам како се чуствував јас кога на подолната полица забележав порно филмови кои безсрамно се продаваат покрај цртаните и покрај весниците во трафиките и покрај филмовите во видеотеките и на малите екрани .Па зошто тогаш се чудиме на сите нечуени содомии  насочени врз невините тригодишни , петгодишни деца, луѓе !- врз шест месечни бебиња.Ова е тешко да го пишуваш а камо ли  да го замислиш.Значи дел од вината е и врз државата за која само декларативно важи ограниченото работно време на кафулињата, неточењето алкохол на малолетни лица. И кога сме тука момчиња бидете мажи во моменти на одлуки кои бараат машко расудување, искреност,пожртвуваност и храброст.Оној кој пие никој не го нарекува маж секој го нарекува пијаница..Девојки знам дека сте во години кога ви е побитно да изгледате убаво однадвор а не  одвнатре.Но обидете се, направите барем равнотежа ако во моментов не сваќате дека одвнатре сте бесценети. И ве молам не заборавајте ја круната на вашата глава  – образованието . Да не ви одземам многу време останав неискажана но ќе има прилика.Јас знам дека децата многу често ги нарекуваме анѓели. Но да не заборавиме и оној на кој името не сакам да му го спомнам  бил , но сега  е паднатиот ангел.

Ирена Чакареска