Судскиот процес за убиството на српскиот турист, Дејан Новаковиќ, што на 27 август се случи во центарот на Охрид, започна во Основниот суд во Охрид со распит на обвинетите.

За свирепо убиство на српскиот турист Дејан Новаковиќ се обвинети две лица од Охрид, а уште  едно се товари за помагање по извршено кривично дело. Истовремено за свирепо убиство пред Основниот суд во Охрид се води процес и против уште едно лице државјанин на Република Србија, кој засега е недостапен за органите на прогонот.


Според адвокатите на одбраната, квалификациите во обвинението се претешки и неиздржани, што како што велат, ќе се докаже во текот на доказната постапка.

Квалификацијата е предимензионирана и доказите ќе укажат дека таа е престрога, изјави адвокатот Воислав Димоски.

Пред судот прв исказ даде обвинетиот Митре К., но поради одлуката на судијката Милка Танеска да го почне судењето во помала судница новинарските екипи не присуствуваа во салата. Внатре беа само роднините на убиениот српски турист, а не и блиските на обвинетите што предизвика негодување кај нив.

– Никој не знае што се случило тој ден , но никој однапред не може да прогласи убијци или Охрид да го прогласи за несигурен град, изјави
Иљо Димов, вујко на обвинетиот Митре К.


Објективно и правично судење бара и мајката на убиениот српски турист. „Дејан е претепан со 40-на удари и очекувам дека судот на сторителите на ова дело ќе им изрече максимални казни“, рече Јулијана Зубовиќ, мајка на Дејан Новаковиќ.


По паузата судскиот процес продолжи во големата судница на Основниот суд, во присуство на сите заинтересирани и новинарите. Сослушан беше вториот обвинет Илче Ј., кој кажа дека случајно се нашол во расправија помеѓу две групи српски туристи во клубот „Хавана“. Расправијата прераснала во тепачка која продолжила надвор од објектот. Таму тој на српски јазик бил испровоциран од лице кое не го видел во темницата и кое по бркотницата во центарот на градот кај поштата било нападнато од неколку срби, чиј идентитет нему не му бил познат.


Судскиот процес за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ, ќе продолжи на 24-ти февруари со распит на обвинетите и сведоци.

OhridNews