Превенција на насилството во училиштата- е темата на 22-от состанок што Секторот за внатрешни работи Охрид го организира со советодавната група граѓани од Охрид.

На средбата, што утре во 12 часот ќе се одржи во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески„ со компаративна анализа, ќе биде согледана актуелната состојба за сторени прекршоци во и околу училиштата. Воедно, ќе бидат изнесени мерките и заложбите на полицијата за сеопфатно делување и зголемување на безбедноста во училиштата како и неопходноста од зголемување на степенот на соработка со граѓаните и школските центри во превенирањето на асоцијалното однесување на младите во заедницата.   

Средбата со Советодавната група граѓани од Охрид, ќе биде искористена и за информирање на присутните за состојбата околу спроведувањето на проектот „Безбедно управување со мопед„  но и за дискусија, договарање на мерки и градење стратегија за превенција на насилството. 

На средбата со Советодавната група, покрај претставници на СВР Охрид, ќе присуствуваат претставници од Локалниот совет за превенција од Охрид и Дебрца, од секторот за образование во локалната самоуправа, од државниот просветен инспекторат, од центарот за социјални работи, невладините организации, претставници од советот на родители, како и  претставници на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.

OhridNews