Неисплатени плати, проблеми во работењето, немање лиценци за вршење дејност, слаба економска моќ. Ова е сликата во дел од новоформираните јавни претпријатија во општината кои мака мачат да застанат на сопствени нозе. Сеуште зависни од претпријатијата од кои произлегоа и општината, новите јавни претпријатија тешко функционираат, иако  дел од нив имаат монополска позиција на пазарот. Зошто е тоа така праша неодамна опозцијата во Советот, која смета дека не постои економска оправданост за постоење на дел од новите јавни претпријатија. Дополнително, смета опозицијата во Советот, состојбата ја усложнува неодговорното работење на одредени менаџерски тимови.

Локалната самоуправа не се согласува со ваквите тврдења.  Според неа одлуката за нивното формирање е оправдана, а проблемите со кои тие се соочуваат ги смета за вообичаени за нови претпријатија и најавува дека истите за брзо време ќе бидат надминати.


Но, наместо да се подобрат, состојбите во ЈП „Нискоградба“ ескалираа. Вработените си ја бараат платата за август, поради што вчера започнаа штрајк кој според најавите ќе трае се додека не им бидат исплатени личните примања. Кога тоа би можело да се случи директорот Владо Цветкоски нема конкретен одговор, затоа што според него, тоа не зависело од „Нискоградба“, туку од МЈП „Проаква“, која со месеци не ги сервисирала долговите кон новото јавно претпријатие.

Ваквите тврдења ги демантираат од „Проаква“ од каде порачуваат дека  „Ј.П.„Нискоградба“ одговорноста за сопствените проблеми треба да ја бара исклучиво кај себе.

– Господине Цветкоски не може раководството на МЈП Проаква да биде виновно за штрајкот на вашите вработени. За штрајкот во кое и да било претпријатие природно е да биде одговорен самиот менаџер, се вели во реакцијата  на „Проаква“, од каде тврдат дека тие не му должат на ЈП „Нискоградба“, туку  тоа има неподмирени обврски кон меѓуопштинското јавно претпријатие.



И додека раководствата на јавните претпријатија меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за проблемите во кои се наоѓаат нивните колективи, никој не кажува каква е нивната кондиција и дали тие можат рентабилно да работат со сегашниот број на вработени во вакви пазарни услови. Јавноста очекува одговори и на искажаните сериозни обвинувања за несовесно работење и  недомаќинско трошење  на народните пари. 

OhridNews