Говорот на омраза е се поприсутен на социјалните мрежи, а во последно време најчесто е поврзан со политичките случувања кои се актуелни во земјата. Сведоци сме на голем број упатени меѓусебни навреди, клевети, пред се помеѓу граѓани кои се симпатизери или припаѓаат на различни политички опции.  

Од февруари 2014 во Република Македонија на сила се законски одредби кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа. Но, преземањето на санкции кога станува збор за социјалните мрежи е потешко, бидејќи често пати станува збор за анонимност на некои од корисниците на социјалните мрежи, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Но, има и „чисти“ случаи каде е познат профилот на оној кој го шири говорот на омраза и од тука сметам дека не би претставувало проблем за истиот тој да се гони. Пријавувањето на говорот на омраза на социјалните мрежи има неколку механизми. Може да се пријави на самите социјални мрежи на Фејсбук или Твитер кои имаат воспоставени механизми за пријавување на говор на омраза и веднаш би се отстранил од самата социјална мрежа, вели Елена Брмбевска од  Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Доколку профилот-идентитетот на оној кој го шири говорот на омраза е познат, постапка може да се поднесе и пред домашните судови, односно да се пријави во полициски станици, кај јавни обвинители или кај народен правобранител.

Под говор на омраза се подразбира секој начин на изразување кој промовира омраза кон едно или повеќе лица поради нивните лични карактеристики или припадноста кон одредена група или заедница. Секој може да биде жртва на говорот на омраза, поради тоа што омразата може да се постои поради различни основи, односно поради расата, бојата на кожата, родот, припадноста на маргинализирана група, етничката припадност, јазикот, државјанството, социјалното потекло, религијата или верското уверување, други видови уверувања, образованието, политичката припадност, личниот или општествен статус, менталната или телесната попреченост, возраста, семејната или брачната состојба, имотниот статус, сексуалната ориентација, родовиот идентитет на луѓето.

Т.К.