– Во тек е постапка пред второстепена комисија за доделените социјални станови во Охрид. Комисијата е во својата завршна фаза и јас очекувам дека во јануари ќе заврши таа постапка и становите ќе бидат доделени, изјави при неодамнешната посета на Охрид, министерот Миле Јанакиески.
Министерот објасни дека причина за пролонгирање на постапката за доделување на социјалните станови во Охрид, е големиот број на апликанти и поднесени жалби.
–Во два наврати комисијата излезе на терен за да ја утврди реалната состојба, бидејќи не сакаме да направиме грешка. Луѓето треба да бидат стрпливи. По разгледувањето на жалбите комисијата ќе си ја заврши својата работа и ќе ги додели становите, додаде Јанакиески.
Како што е познато, Владата во јули минатата година во Охрид додели десет станови на деца без родители или родителска грижа. Социјални станови им беа доделени и на седумнаесет корисници на социјална или постојана парична помош. На инвалидни лица или лица на кои им е потребна помош доделени им беа 12 станови. Еден стан е доделен на социјално загрозени лица припадници на ромската етничка заедница и 31 стан на самохрани родители со малолетни деца.