Од Здружението на граѓани „Совест“, обвинуваат дека и покрај нивните укажувања, надлежните институции продолжуваат со својот молк и непреземање на соодветни акции во врска со изградбата на Али Пашината Џамија во Охрид. Со тоа, тврдат од здружението, инволвираните во нелегалните градежни работи стануваат соучесници во опасни криминални активности.

– Наместо реставрација и конзервациаја, на локалитетот во најстрогиот центар на Охрид се извршуваат градежни рааботи, а за нив нема дозвола од ниедна институција. Актуелниот Министер за култура, Роберт Алаѓозовски, и покрај јавно дадениот збор, дека министерствто ќе ги прекине градежните работи, до овој момент ништо не презеде тоа реално да се оствари. Оваа неактивност на министерот зачудува, бидејќи и тој има информации дека со големи количества бетон се покриваат остатоци на темели на ранохристијанска црква и базилика со значајни мозаици, велат од здружението „Совест“.

Здружението „Совест“ најавува дека ќе поднесе соодветни кривични пријави и дека ќе се побара решение за привремено стопирање на градежните работи и соодветна стручно–инспекциска акција за утврдување на пречекорувањата во процесот на интервенција за обнова на Али Пашината џамија.