Охридските советници, едногласно, ги изгласаа одлуките за поделба на МЈП Проаква, планот за поделба на МЈП „Проаква” Струга и склучување на спогодба за присоединување кон ЈП Колекторски систем Скопје преку комбинирана поделба и одлуката за поделба на МЈП „Проаква” Струга преку комбинирана поделба-со раздвојување со основање и раздвојување со превземање.

 

Како што потенцира градоначалникот Константин Георгиески, станува збор за историска одлука со која се финализира процесот на формирање на новото јавно претпријатие Колекторски систем и поделбата на МЈП Проаква.

  • Формирањето на новото претпријатие значи инвестиција во иднината и една вистински подадена рака од државата за Охрид. И покрај сите напори кои ги правиме, со формирањето на ова јавно претпријатие само оваа година значи дека државата инвестирала 500 милиони денари за раздолжување на нашиот град и дополнителни 800 милиони кои ги презеде како долг на МЈП Проаква. Значи добивме една милијарда и 300 милиони денари инцвестииција во подобар живот и иднина на Охрид, изјави градоначалникот Георгиески.

Градоначалникот потенцира дека ваквиот чекор особено е значаен од аспект на финализирање на процесот на раздолжување на општината.

  • Во делбениот биланс кој денес го изгласаа советниците се предвидува 72 милиони денари кои беа долг на општината кон министерството за финансии по основ на долг за кредит земен од Светска банка за  колекторот, да ги преземе новото претпријатие Колекторски систем. На тој начин, тој долг од 72 милиони денари се брише од контото на општината и општината станува финансиски солвентна за да добие позитивно мислење од министерството за финансии. Со тоа ќе можеме на еден јавен повик да се задолжиме кај домашни и странски финансиски субјекти и да го завршиме конечно процесот на раздолжување на општината. Долгот во јануари беше над 1 милијарда и 600 милиони денари, сега сме дојдени на околу реални 350 милиони денари. Значи тие 350 милиони ќе ги затвараме по добивањето на позитивно мислење од министерството за финансии за распишување на јавен повик, а предуслов за тоа беше токму носењето на делбениот биланс на МЈП Проаква, објасни градоначалникот Георгиески.

Новото државно јавно претпријатие стартува со минус од околу 800 милиони денари, поради преземените обврски кон ЕВН, за кредитот земен од МЈП Проаква во минатото, а за кој гаранти биле општините Охрид и Струга. Но, со усвоениот ребаланс на буџетот од владата, долгот ќе се покрие, а со остатокот од средствата ќе се пристапи кон итно првично санирање на колекторскиот систем.

  • Со изгласаниот ребаланс, предвидени се 183 милиони денари за новото претпријатие. Од нив поголем дел околу 2 милиони и 100.000 евра се за да се плати долгот кон ЕВН, додека околу 900.000 евра се за санација на колекторскиот систем. Ќе се санираат сите критични точки, ќе се прочистува цевководот кој на критичните места над 90% е затнат и не дозволува нормален проток на фекалните води. Ќе се користи нова технологија, нема да има нови ископувања. Ќе се добие многу поголем проток на фекалните води. Планирано е да се интервенира на пумпните станици, санација на пречистителната пумпа во Ложани, ќе се врши прочистување на секундарната канализација, вели директорот на новото јавно претпријати Колекторски систем, Владимир Алексиески.

Според најавите на Алексиески, сите овие активности за неопходната санација на колекторскиот систем со цел негово непречено функционирање, е предвидено да завршат до крајот на месец април.

Т.К.