Советниците на денешната седница на Совет го изгласаа ребалансот на буџетот за 2023 година. Со ребалансот, според координаторката на пратеничката група на СДСМ, Живка Ангелоска се зголемуваат средствата во буџетот за околу 44 милиони денари во најголем дел поради зголемување на приходите по основ на продажба на неизградено градежно земјиште и приходи од данок на додадена вредност.

Доколку се разгледа билансот на приходи во ребалансот можеме да забележиме дека најголем удел во проектираните приходи имаат две ставки и тоа приходи по основ на продажба на неизградено градежно земјиште каде зголемувањето е околу 50 милиони денари, како и дотациите од приходи од данок на додадена вредност коишто се зголемени за околу 40 милиони денари, средства кои централната власт ги пренесува на Општината за да таа самостојно да менаџира. 40-50 милиони денари има намалување на приходите во ставката данок на промет. Ако се направи една математика ја даваат реалната состојба во однос на зголемените приходи, кои се во интерес и за граѓаните и за локалната и надеж за реализирање на повеќе проекти, рече Ангелоска.

Потенцираше дека зголемување има во Програмата за спорт и рекреација за 6 милиони денари за трансфери за спортски клубови, додека во Програмата за заштита на животната средина нема средства за субвенционрање на инвертер клими, но затоа има повеќе средства во Програмата за култура за „Фестивалот на виното“.

Во поглед на Програмата за уредување на градежно земјиште има намалување од 32 милиони денари од кои 12 милиони денари се за реализација на плоштадот „Крушевска Република“ и 20 милиони денари намалување за изградба на фекалната канализациона мрежа за село Горно и Долно Лакочереј. Ни беше објаснето дека намалувањето на средствата за плоштадот „Крушевска Република“ се должи на стабилизација на цените во државата кои се во тек и се очекуваат пониски цени на материјалите и услугите, а во однос на фекалната канализација истата ќе се реализира, а намалувањето е поради учество во финансирањето по основ на проект и на централната власт, додаде Ангелоска.

Во однос на годишната програма за уредување на градежно земјиште има зголемување за 21 милион денари од кои околу 16 милиони денари е ставка за средставата кои ќе бидат одземени по основ на побарувањата од доверителите. Воедно ја пофали Програмата за капитални инвестиции во образованието, прашувајќи детали во однос на атмосферската канализација за охридската Гимназија.

Потенцираше и дека има зголемување на средствата за системи за водоснабдување за 7 мил денари, иако пред два месеци истите биле намалени на 3,5 мил денари. Треба, вели, да има зголемување на овие средства ако се земе превид проблемот со загубата на вода која во Охрид изнесува над 80%, но зошто толку брзо се менуваат одлуките.

Тони Иваноски од Секторот за општи работи истакна дека единствената причина за измените и дополнувањата на Програмата за уредување на градежно земјиште се токму средствата кои по присилен пат се извршени од Министерството за финасии од сметката на Општината.

Во однос на водоснабдителните системи, не се работи само за нови дополнителни работи, туку и од тоа конто се одземени одредени средства, а со оглед дека имаме распишено јавни набавки и склучено договори ако не го зголемевме контото ќе неможевме да ги исплатиме обврските. Во однос на „Крушевска Република“ и канализацијата во Лакочереј е така, само постои одредено техничко решение кое ја промена првобитната пресметка. Интенција е службите да ги задржат активностите утврдени од Советот преку програмите за работа, а измените се само од аспект на дополнување средства за нвна реализација, рече Иваноски.

Во однос на атмосферската канализација кај Гимназијата ќе биде опфатен дворот, спортската сала и самата гимназиска зграда, рече Димитар Спасески од Секторот за образование, додавајќи дека комплетно ќе биде завршен тој потег.

Координаторот на ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски истакна дека со ребалансот се обезбедуваат повеќе средства за поддршка на програмските активности за Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура што е јасен показател дека се дава поддршка за заштита на македонскиот јазик, литература и културата и воопшто на Охрид како град. Божиновски ги спомена и проектите „Охрид и околината од високо“ и „Охридски бисерни препеви“ и издвоените средства за промоција на македонското природно и културно наследство, како и македонското музичко творештво.

Во делот на здравствена и социјална заштита се зголемуваат средствата за субвенционирање на трошоци за комунални услуги и за поддршка на Дневниот Центар „Зраци“, а во програмата за одржување урбана опрема повеќе пари за санација на детски игралишта. Доколку ги разгледаме подетално подставките во овој ребаланс ќе видиме дека има зголемен акцент на уредување градежно земјиште-капитални трошоци, поттикнување на развојот на туризмот, капитални расходи за урбана опрема, културни манифестации и творештво, спорт и рекреација, капитални расходи средно образование, унапредување на здравствената заштита, противпожарна заштита и тоа е доказ дека станува збор за ребаланс и активности кои се во интерес на граѓаните и подобрување на живеењето и потребите кои ги имаат, додаде Божиновски.

Н.С.Ј.