Сечење лента, балони, огномет, многу гости. Вака мина синоќешната забава на реотворањето на реновираната пицерија „Луна“ на советникот и бизнисмен Нефи Усеини на плоштадот кај Стариот Чинар. Црвената лента заеднички ја пресекоа Усеини и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, а советникот се пофали со фотографиите од настанот на неговиот Фејсбук профил.

Фото: Фејсбук

Во кус телефонски раговор за телевизија „Телма“ Усеини ги негираше тврдењата на институциите дека неговиот објект е дивоградба. Рече дека уредно си ги подмирува обврските кaј општината и побара коректност од медиумите во известувањето, истакнувајќи дека доколку нешто не е е како што треба постојат институции за тоа.

Тој е 15 години објект кој се реновира, тој не е дивоградба. Имам документи 15 години што и плаќам на општинава. – рече Усеини.

Од општина Охрид велат дека реконструкцијата на угостителскиот објект на советникот Усеини, не е извршена согласно законот и дека ќе бидат преземени соодветни мерки против инвеститорот.

„Во врска со Вашите прашања за угостителскиот објект „ Луна“ во центарот на Охрид, Ве информираме дека надлежниот градежен инспектор има направено записник и решение за уривање на овој објект, бидејќи инвеститорот нема добиено дозвола за градење.

Со овој објект ќе се постапува согласно законските процедури за бесправно изградени објекти.“

Општина Охрид

Со ребалансот на Буџетот за за 2019 година, што го донесе Советот на општина Охрид предвидени се 1.500.000,оо денари во програмата за уредување на градежно земјиште во делот на ставката за рушење на нелегално изградени објекти. Објавена е јавна набавка за ангажирање на фирма за уривање на бесправно изградени објекти, по што ќе почне да се постапува по веќе изготвените решенија, информира локалната самоуправа.

Неодамна во Баку Комисијата за светско наследство расправаше за статусот на Охрид во УНЕСКО поради несоодветната заштита на природното и културно наследство. Kако најголем проблем се истакнува претераната урбанизација и дивоградбите. Градот и државата добија рок до 20 февруари да ги остранат забелешките.

Г.М.