Ова барање следи по неодамна одржаната прес конференциија на охридскиот Младински совет кој ги презентира резултатите за активноста на советниците, добиени врз основ на извршените анализи на записниците од одржаните седници.
Како што истакна претседателот на МСО, Димче Каневче, нивните членови не биле во можност да извршат комплетна анализа од добиените записници, поради начинот на кој тие се изготвуваат.
– Во презентираните записници од седниците нема податоци за тоа кој советник на колку седници присуствувал, односно отсуствувал, дали отсуството е оправадно или неоправдано. Нема детален опис на дискусиите, репликите и контра репликите и процедуралните излагања, нема евиденција за тоа кој гласал, а кој не гласал од присутните, а нема евиденција и за бројот на присутни непосредно пред секое гласање и како тие гласале. Според записниците, не се води евиденција и дали некој од советниците кои присуствувале на почетокот подоцна ја напуштиле седницата, од оправдани или неопрвадани причини, вели претседателот на МСО, Димче Каневче.
Како што информира претседателот на советот на општина Охрид, Душко Јаковчески, се испитуваат техничките можности за реализирање на барањето за снимање на дискусиите на седниците. – Доколку се утврди дека постои можност и средства, локалната самоуправа ќе обезбеди систем за аудио снимање на дискусиите или барем на поголемиот дел од она што ќе се случува на седниците, вели Јаковчески.