Советот на општина Охрид ја усвои одлуката за  задолжување  на ЈП „Градски гробишта“ Охрид со долгорочен кредит, која беше донесена од страна на Управниот одбор на јавното претпријатие.

Како што претходно беше објаснето од страна  на ВД директорот на претпријатието, Драган Пандески, предвидено е средствата од долгорочниот кредит да се инвестираат во два проекти и тоа: изградба на 4 јавни тоалети, 3 во христијанскиот и еден во муслиманскиот дел од градските гробишта, како и за изградба на муслиманска капела.


На денешната 40- та седница, советниците едногласно ја усвоија и предлог- одлуката за формирање на Совет за превенција на малолетничко престапништво. Беа прифатени и предлог одлуката за доделување општински награди и признанија, за подигање спомен обележја на Цар Самоил и Божицата Изида, а се усвоија и предлог одлуките за усвојување на акциониот план – Заедно против дискриминација, како и годишната програма за згрижување и воспитно образовна работа на јавната општинска установа за деца- детска градинка „Јасна Ристеска“ за учебната 2011-2012 година. Советниците го донесоја буџетскиот календар за начинот и постапката за изготвување и донесување на буџетот на општина Охрид за 2012 година, а се усвоија и Извештајот за остварување на буџетот за периодот од 01.01. до 30.09.2011 година и предлог одлуката за изменување и дополнување на буџетот на ЕЛС Охрид за 2011 година.

По останатите точки предвидени на дневен ред од 40- та седница советниците ќе расправаат на нејзиното продолжение кое дополнително ќе биде закажано.

OhridNews