Предлог одлуката како точка на дневен ред е ставена по барање на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ.
– Советничката група на ВМРО ДПМНЕ во советот на Општина Охрид, минатата седница преку советникот Буџакоски, предложи Општината да преземе итни чекори за субвенционирање на трошоците за комунални услуги во Охрид за ранливите групи како што се социјални случаи , инвалидизирани лица и други категории. Прашањето го поткренавме воедно и како одговор кон одлуката на мнозинството во Советот на Општината да поддржи со политичка мерка на надгласување подигање на цените на сметките за комуналните услуги за Комуналец,Нискоградба,Градски гробишта, вели координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски.
Тој додава дека доколку е комплетна, предлог одлука од нивна страна ќе биде поддржана.
– Наша заложба е максимално да се скратат трошоците за репрезентација, ручеци, телефони и други луксузи кои сега се прават во општината и јавните претпријатија и пренасочување на средствата и за ранливите групи, но и за стипендирање и поддршка на најдобрите ученици и студенти од Охрид, додава Пановски.
Според Одлуката средствата треба да се исплаќаат од ставката за расходи на Советот на Општина Охрид и треба да траат со завршувањето на оваа буџетска година.Доколку Советот предвиди средства за оваа намена и во наредниот буџет,оваа Одлука ќе продолжи да се применува и наредната година со што барем делумно ќе се олесни состојбата на ранливите групи граѓани.
Освен предлог одлуката за за спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги, на дневен ред на 53- та седница на советот закажана за во петок, ќе се најдат и предлог одлуките за утврдување на висината на комуналната такса за користење на простор за паркирање на моторни возила, за измена на одлуката за авто-такси превоз на патници за општина Охрид, како и предлог одлуката за изменување на Одлуката за отстапување на користење на паркинг простори од општина Охрид на ЈП „ Билјанини Извори“ Охрид .