Предлог–планот за управување со отпад на општина Охрид за периодот од 2018 -2020 година и програмата за управување со отпад за 2018 година, се меѓу точките од дневен ред на седмата седница на советот на општина Охрид што ќе се одржи во среда, 28-ми февруари, со почеток во 11 часот.
Советниците ќе ја разгледаат и Предлог- одлуката за усвојување на Елаборатот за процена на штета од пожар- во општина Охрид на 19 август 2017 година, а ликвидиран на 21.08.2017 година.
На дневен ред се и предлог одлуките за разрешување и именување членови на управните одбори во ЈП Градски Пазар, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ и ЈЗУ „Здравствен Дом“.
Советот ќе расправа и по предлог-одлуките за ажурирање на процената на загрозеност на подрачјето на општина Охрид од сите ризици и опасности, за утврдување на висината на надоместокот (закупнината) за поставување урбана опрема во општина Охрид за 2018 година и утврдување на висината на комуналната такса за користење на просторот пред деловни простории за вршење дејност.
На дневен ред се и низа точки кои се однесуваат на легализација на бесправно изградени објекти.
OhridNews












