Како што и беше најавено, поради неисполнување на барањата на СДСМ за  укинување на мерката притвор за претседателот на ОО на СДСМ Центар и претседавач на советот на општината, Мирослав Шиповиќ, охридските советници од Сојузот за иднината, на самиот почеток  ја напуштија денешната седница на советот на општина Охрид.

Решивме заедно да ја бојкотираме седницата и да не учесвуваме во работата и на тој начин да ја искажеме нашата солидарност  и револт против институционалното насилство кое се врши за да се замолче Шиповиќ  и за да се оневозможи функционирањето  на општина центар. Апелираме до власта да проработи разумот и да го пуштат Шиповиќ на слобода и да докажат дека сеуште има некаков демократски капацитет во  оваа држава, затоа што многу е важно вистината да излезе на видело, изјави по напуштањето на седницата координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

Според координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Сашо Донев, напуштањето на седницата од страна на советниците од опозицијата е уште еден доказ за лицемерието  и непринципиелноста на СДСМ.

Сите сме сведоци дека зборовите кои најчесто ги користат се владеење на правото, но кога нивни член се соочува со обвинение за сторен криминал тогаш го забораваат владеењето на правото и  започнуваат со притисоци врз судската власт. Причината што ја напуштија седницата е и првата  точка на дневен ред- извештајот  за задолжувањето на општина Охрид во минатиот период. Добро би било коалицијата, која во минатото беше мнозинство во советот, да одговори каде се потрошени над 33 милиони евра од  граѓаните , како можеше да се направи толкав долг, а ништо видливо да не се направило во градот , рече Донев.

По напуштањето на седницата од страна на советниците од Сојузот за иднината од дневен ред беа повлечени точките од областа на урбанизмот, за донесување на детални урбанистички планови.

Со оглед на тоа што оваа локална самоуправа има за цел да работи транспарентно, а  опозицијата ја напушти седницата, сметавме дека точките треба да се повлечат од принципиелни причини, затоа што за вакви значајни прашања сметаме дека не е во ред да се расправа кога опозицијата не е присутна. Во минатото се се правеше за опозицијата да ги напушта седниците на совет и да можат да се носат планови  онака како што тоа на некому му одговарало. Точките ги повлековме за да нема сомнежи во процесот и да нема дискусии во јавноста , изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Тој најави дека за повлечените точки ќе се расправа на некоја од наредните седници на советот кога ќе бидат присутни сите советници.

Т.Кувенџиска