Висината на надоместокот за добивање лиценца за работа на ноќен клуб од 5.000 се зголемува на 7. 000 евра, додека пак за лиценца за дискотека, угостителските работници во Охрид ќе треба да плаќаат по 10.000 евра, односно за 2. 500 евра повеќе од досегашниот надоместок. Висината на надоместокот за добивање лиценца за кабаре остаува иста, односно 2. 500 евра. Ова е одлуката која ја донесоја советниците на денешната седница на советот.


Како што потенцираат од советничката група на СДСМ, кои ја подржаа измената на висината на надоместокот, оваа одлука претставува заложба на локалната смаоуправа превентивно да дејствува кон отварањето на ноќни клубови и дискотеки  на несоодветни локации.

Со оваа одлука не се оштетени сопствениците на угостителските објекти кои веќе имаат лиценца, затоа што во Охрид во моментов нема регистрирани објекти како ноќен клуб или дискотека. Но, со зголемувањето на лиценците за работа на ваквите објекти сметаме дека ќе го спречиме нивното отварање на свети места како што се дворовите на црквите или пак во близина на културно историските споменици, како што тоа се случувало во изминатите години, вели координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев. При тоа, Тунтев додава дека утврдувањето на висината на надоместокот на лиценцата е и единствената ингеренција која локалната самоуправа ја има, додека пак за нејзиното издавање, односно каде и дали ќе се отвори угостителскиот објект,  надлежни се државните органи.


Од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ кои се изјаснаа против ваквата одлука, сметаат дека зголемувањето на надоместокот ќе придонесе за зголемување и на цените на угостителските услуги во градот.

Зголемувањето на надоместокот нема да го спречи отворањето на дискотеките и ноќните клубови на несоодветни локации и хаосот кој се случува во летниот период. Инспекциските служби се тие  кои треба да го спречат непочитувањето на законските прописи, а не висината на надоместокот, вели советничката од ВМРО- ДПМНЕ, Јованка Дамоска- Секулоска.

На денешната седница беше утврден и новиот надоместок кој членовите на советот во иднина ќе го добиваат. Наместо досегашните 16. 500 денари, тие во иднина месечно ќе добиваат по 14. 000 денари.

Советниците меѓу другото,  ги изгласаа и извештаите од работењето на ЈП “Билјанини Извори” и  ЈП “Нискоградба, изменувањето  и дополнувањето на  Статут на Општина  Охрид, одлуката  за збратимување на градот Охрид  со градот Краков Полска, како и неколку решенија од урбанистичката сфера.

Предлог одлуката за поништување на одлуката за превземање на водоводот од МЗ Лескоец и отстапување на МЈП Проаква не се прифати.

Т. Кувенџиска