Точката, која на дневен ред беше ставена по предлог на градоначалникот Александар Петрески, беше подржана од сите советници, кои изразија надеж дека општина Охрид конечно ќе го добие наменскиот кредит со кој е предвидено да се исплатат заостанатите долгови на општината, еден од условите за нејзино преминување во втората фаза од процесот на денационализација.
Советот првата одлука за кредитното задолжување на општината ја донесе на крајот на 2010 година, но поради барањето на министерството за финансии одлуката да биде донесена во тековната 2011, советниците на итна седница во март повторно едногласно ја донесоа. Како што објасни градоначалникот Петрески, поради одржувањето на предвремените парламентарни избори одлуката на советот не беше реализирана од страна на надлежното министерство.
– Сега долговите на општината се намалени и поради тоа, со оваа најнова одлука бараме помало задолжување, наместо претходно побараните 6, сега донесовме одлука за кредитно задолжување од 4 милиони евра, рече Петрески.
Советниците дадоа зелено светло за збратимување на градот Охрид со градот Сафранболу – Турција, за плановите за изведување училишни екскурзии на основните училишта Григор Прличев и Св. Наум Охридски, како и за извештаите за работењето на Одделението за даноци и реализацијата на програмата за изработка на урбанистички планови.
Пред советниците не поминаа извештајот за работењето во првите шест месеци од годината на Одделението за комунални такси, извештајот за остварување на буџетот општина Охрид, неколку извештаи за превземени активности од комуналната сфера, како и извештаите за реализација на програмата за подршка на Локалниот економски развој и програмата за поттикнување на развојот на туризмот.
По предлог на градоначалникот, на денешната седница на дневен ред беа ставени и предлог одлуката за давање согласност за започнување постапка за јавно приватно партнерство за јавно осветлување и предлог одлуката за урбанистички план вон населено место кај Свети Еразмо.