Општина Охрид подготвува времени вработувања, за што по пат на јавен оглас е ангажирана соодветна агенција, со која локалната ќе склучи договор во траење од една година вреден 2,5 милиони денари, истакна советникот од ВМРО НП Јоне Станкоски. Тој на вчерашната седница на советот посветена на советнички прашања, побара одговор од општината зошто се ангажира агенција за времено вработување и се оптоварува буџетот, доколку новата локална власт проценува дека градската администрација е предимензионирана.

Од општината објаснија дека администрацијата нема доволно капацитет за да се реализираат предвидените проекти, поради што има потреба од ангажман на стручни лица.

Советникот Станкоски изрази несогласување со ваквите ставови, посочувајќи дека во администрацијата има искусни вработени со стаж од преку 20 години кои недоволно се искористуваат.

Новата локална власт, како еден од поголемите проблеми на општината ја посочи неорганизираната и преобемна администрација, која во изминатите осум години неколкукратно била зголемена, а дел од вработените, како и надворешно ангажирани лица воопшто немале работни задачи.


Советникот Дејан Паноски побара одговор околу планираните инвестиции во општината, при што од страна на градоначалникот беше истакнато дека постои интерес за вложување во Охрид од Катар, Дубаи, Индија, САД, Украина, Унгарија, Чешка, Турција, Полска и Германија. Во најголем дел тие биле заинтересирани за изградба на хотелски капацитети од највисока категорија и развој на здравствениот туризам.

Во изминативе три месеци остваривме средби со потенцијални инвеститори и дипломатски претставници. Во делот на земјоделството предвидено е отворање на фабрика за конзервирање на раноградинарски култури. Секако дека вложувањето во индустриски капацетитети е од непроценливо значење за унапредувањето на Охрид за што планирано е и изградба на индустриска зона кај Мауцкер, се со цел да им се излезе во пресрет на потенцијалните инвеститори и да се намалат обврските и процедурите кои произлегуваат од ена таква инвестиција.“ – образложи Бакрачески.

Одговарајќи на прашање на советникот Ангел Јанев поврзано со образованието, градоначалникот потенцира дека Електромашинскиот училишен центар, ОУ „Григо Прличев“ и ОУ „Кочо Рацин“ се вклучени во програмата на Владата за реконструкција на 124 училишта во земјава.

Во прва фаза општина Охрид ќе изврши промена на врати и прозори, заради заштеда на енергија и санирање на тоалетите во Основното музичко училиште „Методи Патчев“, „Св.Климент Охридски“, „Христо Узунов“,  „Григор Прличев“ и „Кочо Рацин“. Дополнително ќе  се интервенира во инфраструктурни зафати кои можат да се завршат во летниот период.“ – потенцира Бакрачески.


На прашањето за  можноста за довршување на малото пристаниште, лоцирано спроти поранешниот хотел Палас, градоначалникот истакна дека постои проблем со легалноста на изградениот објект, а за негова доградба координирано треба да се настапи со Министерството за транспорт и врски, односно Капетанија и Министерството за животна средина.

Бакрачески околу поддршката на културните настани во Охрид, истакна дека општината интензивно работи на полето промоција на културата и културните настани што ќе се одржуваат во градот, а локалната власт ги поддржува  сите културни настани кои имаат значење за градот како што се Фестивалот „Охридско лето“ и Францускиот Филмски Фестивал.

Тој додаде дека организирање на манифестации и културни содржини во текот на целата година ќе биде новина во работењето на културен план локалната самоуправа,  а подршка ќе биде обезбедена и за настани од областа на културата во руралните средини-Трпејца со љубов, Денови на Живко Чинго, Поетска ноќ во Велестово и други.

OhridNews