Уште осум нови точки беа вметнати во дневниот ред на 16-тата седница на Советот на Општина Охрид, која беше одржана денеска. Во дополнетиот дневен ред повторно не се најдоа двете урбанистички точки за деталните урбанистички планови од УЗ 2 опфат 4 и опфат 5 кои на една од претходните седници беа повлечени заради неприсуството на опозицијата.

-Од моментот кога беа повлечени овие две точки, на секоја седница прашуваме зошто не се ставени на дневен ред. Се прашуваме дали се уште има несогласување околку гласањето на ДУП-овите во советничкото мнозинство.  Предложивме денешниот дневен ред да биде дополнет со овие две точки имајќи предвид дека беа на дневен ред и се поминати на комисии, рече Томислав Тунтев, координаторот на советничката група на СДСМ.

Освен за спорните урбанистички точки предложени од опозицијата, се дискутираше и за Стопанисувањето со лизгалиштето на мраз поставено на охридскиот плоштад.

Не добив конкретен одговор која фирма стопанисува со лизгалиштето. Дали Локалната самоуправа или некоја прватна фирма. Доколку нема и доколку има, дали е распишан повик на кој што се пријавиле фирми, изјави Јоне Станкоски, советник од ВМРО-Народна партија.

Во врска со ова прашање градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески изјави дека Локалната самоуправа има потпишано договор за техничка соработка со австриска фирма. Тој уште еднаш потенцираше дека лизгалиштето е една дополнителна содржина која ќе ги разубави новогодишните празници во Охрид.
 
– Лизгалиштето на градскиот плоштад е реализирано како израз на напорите на локалната самоуправа, градскиот плоштад заедно со другите содржини да биде место каде што за Новогодишните празници и потоа ќе се собираат голем број луѓе. Се разбира со воведување на нови содржини како што е градското лизгалиште, Охрид ќе стане поатрактивен и за гостите кои имаат намера овој период да бидат во Охрид, рече Бакрачески.

Советот на Општина Охрид, на денешната седница,  на предлог на верификационата комисија, по оставката на советникот Сашо Донев, кој неодамна е избран за директор на ЈП „ Нискоградба“,  го верификува мандатот на Јованка Дамоска Секулоска која беше следна на советничката листа на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата.

Исто така советниците  ги усвоија  и точките за утврдување на висината на надоместокот на услугите што ги врши ЈП „Градски гробишта“  и за отстапување на користење на паркинг простори од општина Охрид на ЈП „Билјанини извори“ . На оваа седница беа изгласани и предложените одлуки за  општински линиски и авто такси превоз како и бројни урбанистички точки.

OhridNews