– Кај нас постои соменеж дека кружниот тек се гради без одобрение за градба и претставува дивоградба што му штети на угледот на Охрид. Затоа побаравме од страна на градоначалникот да приложи документ со кој ќе се докаже дали објектот легално се гради, изјави координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски.
Градоначалникот со одговор- ги имаме сите потребни документи за градба на објектот.
– Согласно измените на законот, за ваков вид објект, одобрение за градба сега дава локалната самоуправа, а не министерствата. Тие тоа не го знаат, па затоа го поставија тоа прашање. Ги имаме сите потребни одобренија и проекти за изградба на кружниот тек, рече Петрески.
Тој вети дека во рок од три дена и писмено ќе го достави бараното одобрение за градба на објектот.
Во однос на долгот на општината, од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ беше побаран одговор- која е висината на новонастанатите долгови и воопшто висината на долгот од 2005 година. – Не беше даден конкретен на ова прашање, а нетранспарентноста при давањето на одговор значи дека новонастанатите долговите се многу големи што ќе претставува дополнително оптоварување за иднината на Охрид, вели Паноски.
Од друга страна градоначалникот нагласува дека износот на долгот на општината секојдневно се менува, со оглед на тоа дека пристигнуваат побарувања за наплата на долгови направени во минатото уште пред неговиот мандат како градоначалник.
– Се работи за долгови кои не можат да се предвидат и кои секојдневно пристигнуваат, а не се направени во време на мојот мандат. Најчесто тоа се предмети за експропријација на земјиште кои по 20 години се одолговлекувале по судовите, а сега ние треба да ги плаќаме. Нивниот износ е над 10 милиони евра непредвиден долг. Неодоговорно е да ме обвинуваат за долгови кои некој друг ги правел, сега јас треба да плаќам, а некој друг сечел ленти, додава Петрески.
На седницата од страна на советниците беа поставени бројни прашања од комуналната сфера.
Кога ќе бидат санирани оштетените улици низ градот, кога ќе се решат проблемите во Елшани и Рача, што е со ветувањата за изградба на Дом за стари лица, по кој основ се даваат одобренијата за поставување на урбана опрема- се само дел од прашањата на кои се бараше одговор од градоначалникот и одговорните лица на секторите при локалната самоуправа.