Со мнозинство гласови советот на општина Охрид го изгласа Заклучокот за неприфаќање на нацрт стратегијата за интеграција на бегалци и странци во Македонија за периодот 2017-2027 година и националниот акционен план произлезен од стратегијата, а донесен од страна на владата. Советниците од позицијата во советот, по чие барање предлог одлуката за заклучокот беше додадена како точка на дневен ред, побараа владата да ја повлече предложената нацрт стратегија во македонското собрание.

Како што рече советикот Ангел Јанев кој ја презентираше содржината на заклучокот, доколку сепак се пристапи кон предлагање или донесување на нацрт стратегијата во парламентот,  пратениците треба да мислат на можните долгорочни последици од секаков вид во насока на заштита на државните и интересите на сите граѓани.

– Советот смета дека нема услови за прифаќање и спроведување на оваа стратегија на територијата на општина Охрид . Добро би било ако наместо оваа стратегија расправаме за нацрт стратегија за привлекување и интеграција на македонски иселеници, рече Јанев кој додаде дека изгласаниот заклучок ќе биде испратен до министерството за труд, владата, собранието и претседателот на РМ.

Реакциите на советниците од опозицијата беа дека советот нема никакви ингеренции да расправа за нацрт стратегии предложени на државно ниво.

– Заборавате дека бевте на власт 11 години и имавте можност да донесете таква стратегија, но не донесовте. Охрид е со најголем број иселени лица во време на ваше владеење. Популистички е да се разговара за оваа стратегија на министерството за труд, бидејќи без разлика каква одлука денес ќе донесеме, таа нема обврзувачки акт за владата и пратениците. Оваа нацрт стратегија е продолжение на нацрт стратегијата која владата на ВМРО ДПМНЕ ја донесе за периодот 2009-2015 година. Каде бевте тогаш како советничка група да го поставите истото прашање за таа стратегија, рече советникот Јоне Станкоски.

Со ист став и останатите советници од опозицијата кои сметаат дека станува збор за, како што рекоа, ефтино прибирање политички поени.

На денешната седница на советот, беа прифатени и елаборатот за проценка на штети од земјотрес настанати на подрачјето на општина Охрид на ден 03.07.2017 година, како и предложените одлуки за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 24 ученици во основните училишта во општина Охрид, за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 25 ученици во ОСУ„Св.Климент Охридски“ СОСУ„Св.Кирил и Методиј“ , ОЕМУЦ„Св.Наум Охридски“ и ОУТУ„Ванчо Питошески“.
Меѓу другото, беа дадени позитивни мислења на програмите за изведување на училишните екскурзии и други слободни активности во учебната 2017-2018 година на ОУ„Христо Узунов“ , ОУ„Григор Прличев“ , ОУ„Св.Климент Охридски“ , ОУ„Братство Единство“ , ОУ„Кочо Рацин“ , ОУ„Ванчо Николески“ с.Лескоец, ОУ„Живко Чинго“ с.Велгошти и ОУ„Св.Наум Охридски“-с.Пештани,  беше дадена  согласност за формирање групи  во ЈОУДГ„Јасна Ристеска“ Охрид со помал, односно поголем број деца од законски утврдениот број, а беше прифатена и одлуката за исплата на долгот на ОУ„Григор Прличев“ кон ЕВН Македонија за потрошена електрична енергија.

Т.К.