По предлог на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, дневниот ред на седницата беше дополнет со уште една точка- Барање до градоначалникот Никола Бакрачески за информација за состојбите со паркирањето во централното градско подрачје.
– Бараме од градоначалникот да не информира околу случувањата со паркинзите ,бидејќи ние како советници треба да ги следиме барањата на граѓаните со кои сме во секојдневен контакт и наша задача е да помогнеме и да овозможиме полесно живеење во градот, изјави координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Сашо Донев.
Предлогот за доставување на барање до градоначалникот Бакрачески беше прифатено и од страна на опозицијата, од каде потенцираат дека се потребни повеќе одговори и пред се образложение околу отстранувањето на рампите и бетонските топки, забраната за возила на „Кеј Маршал Тито“, потенцирајќи дека ваквите потези не се во согласност со постоечкиот режим на сообраќај.
– Не сме информирани зошто е тоа направено,ниту по чие барање. Обично се ставаат пречки за да се регулира сообраќајот и за да се зголеми бебзедноста. Со нивното отстранување, пред се ќе дојде до зголемување на брзината со која се вози. Не сакаме да прејудицираме и ќе почекаме да се стави предлог новиот режим на сообраќај на една од наредните седници, вели координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
На денешната седница беше извршена и верификација на советничкиот мандат на советникот Кујтим Усеини.
Следната седница на советот е закажана за во четврток, 2- ри мај, кога ќе се расправа околу предлог- одлуката за усвојување на Годишната програма за поставување на урбана опрема за 2013 .