На самиот почеток на расправата советникот Дејан Паноски истакна дека советот се претвара во една машинерија која разгледува само извештаи на одредени сектори или јавни претпријатија. – Сметам дека тоа не е добро, затоа што советот треба да има и други иницијативи, особено од јавен карактер со кои ќе треба советниците да навлезат меѓу самите граѓани за да во наредниот период пренесат една позитивна енергија. Советот треба да е креатор на позитивни активности во градот, рече Паноски и додаде дека во однос на програмата за донесување урбанистички решенија треба да се изнајде механизам со цел да се убрза нивното донесување.
Од страна на советниицте од ВМРО- ДПМНЕ беа искажани бројни забелешки за понудените програми. Дел од нив беа упатени и кон понудената програма за подршка на локалниот економски развој.
– Од понуденото може да се забележи дека станува збор за целосно порепишани програми од минатата година за кои видовме дека не донесоја никаков бенефит за општината. Отсуствуваат конктретни мерки за создавање поволен економски амбиент со кои ќе се помогне туризмот и со кои ќе се изврши стимулација на стопанството. Пред се отсуствува елемент на создавање на атмосфера за инвестирање и мерки кои ќе го оправдаат функционирањето на Секторот за локален економски развој, истакна советничката од ВМРО- ДПМНЕ, Јованка Дамовска.
За укажувањата од советниците од ВМРО- ДПМНЕ дека не се реализирани во изминатаат година дел од предвидените активности согласно програмите, советникот од СДСМ, Томислав Тунтев одговори дека голем дел од нереализираните активности во изминатиот период се резултат на тоа што не постои поврат на средства од државниот буџет. – Имаме предвидени средства за реализација на активности кои се исклучиво во доменот на ингеренции на општината и тоа е така затоа што Охрид сеуште не е во втората фаза од процесот на децентрализација, рече Тунтев.
Советниците со мнозинство гласови го усвоија предлог буџетот на општина Охрид за 2011 год и предлог одлуката за извршување на Буџетот за 2011 год.
На дневен ред беа и точките за давање согласност на одлуката за утврдување на висината на надоместокот на услугите што ги врши ЈП „Градски пазар “ , ЈП „ Градски гробишта “, ЈП „Погребни услуги “.