Со цел да придонесе кон зголемена транспарентност, отчетност и добро владеење на локалната самоуправа и подигнување на свеста на граѓаните за работата на Советот на Локалната Самоуправа на Општина Охрид, Младински Совет Охрид, во периодот април-декември 2013 година ја спроведе 5- тата фаза од проектот „ Стандарди за одржливост на одговорноста, транспарентноста и кооперативноста на локалната самоуправа”.
– Во периодот на набљудување, според официјалните записници од одржаните седници на совет, евидентно е дека најголем број излагања на седниците на советот на општина Охрид имал советникот Томислав Тунтев со 80 излагања, кој воедно е и координатор на советничкита група на коалицијата предводена од СДСМ. По него доаѓаат: Јоне Станкоски со 42 излагања и Верица Хајба со 39 излагања. Без ниту едно едно излагање, согласно официјалните записници, се советниците: Јованка Точко, Јадранка Василевска Здравеска и Славица Петреска, информираат од МСО.
Во овој период усвоени биле вкупно 418 предлог одлуки со вкупно 495 точки на дневен ред, а до Градоначалникот поставени биле вкупно 36 советнички прашања од кои по две поставиле Јованка Точко, Дејан Паноски, Сашо Донев, Љубомир Чаулев, Јадранка Василеска Здравеска, Илијат Ибраим, Славица Петреска, Коста Трифуноски, Јован Стојаноски, Јоне Станкоски, Павел Попоски, а додека по три прашања советниците Климе Шешоски, Ангел Јанев, Томислав Тунтев, Жаклина Лазареска и Љупчо Настоски. Илија Арнаудоски имал поставено едно прашање, а без советнички прашања на единствената седница од ваков вид се советниците Оливија Пирузева Јанева, Александар Калачоски, Дејан Блажески, Верица Хајба и Кујтим Уејни. Во овој период не била поднесена ниту една иницијатива, а прашањата биле поставени само на единствената седница за советнички прашања, иако истите можат да се поставуваат усно и писмено, помеѓу две седници на Советот.
Општа констатација, во петтиот дел на анализите правени од официјалните записници е дека квалитетот на подготовката на записниците е на исто ниво како и од претходните циклуси.
– Кога се споменува квалитетот на записниците се мисли на информациите во однос на излагањето на Советниците, за што може да се каже дека ги задоволува основните стандардни, но на жал од добиените записници, односно од начинот на кој се водени истите, и овој пат не можевме да направиме комплетни анализи, согласно поставените параметри, меѓу другото поради немање информација во насловот за каков вид на седница станува збор, не наведување на место на одржување, при евиденцијата на присуство на седници се наведува САМО бројот на присутни советници, но не се наведуваат имињата и презимињата на присутните советници, велат од МСО.
Оттаму потенцираат дека презентираните податоци не претендираат првенствено да се нападнат службите кои ги подготвуваат записниците, туку напротив да им се укаже на одредени недостатоци кои доколку би се отстраниле, записниците би биле поквалитетни, како и дека податоците презентирани во извештајот немаат намера да покажат кои се недостатоците во работата на советниците, туку напротив , колку тие се успешни да одговорат на потребите на граѓаните, односно да се поттикнат во наредниот период да покажат подобри резултати.
OhridNews