Повеќе паузи, помалку дискусии- вака изминаа првите три часа од денешната седница на советот на општина Охрид, која иако закажана во 11 часот започна повеќе од половина час подоцна.

Во текот на првите три часа од седницата, дискусија се разви единствено по првата точка од дневен ред, односно за предлог одлуката за усвојување на   Извештајот за реализација на финансискиот план за 2011 година на    Центарот за развој  на Југозападниот плански регион.


Според советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, извештајот го отсликува она што се случува и во локалната самоуправа во однос на аплицирањето и реализацијата на проекти.


Се идентификува една пасивност во однос на работата центарот, во однос на учеството на меѓународни и европски фондови и пасивност за конкретни проекти кои би довеле до регионален развој на целокупниот југозападен регион. Споредено со другите региони, отсуствуваат конкретни проекти кои би го повлекле развојот на регионот, рече Јованка Дамовска- Секулоска.

Од Центарот за развој на југозападниот плански регион објаснуваат дека процентот на реализирани проекти се должи на намалените средства доделени од државниот буџет.


Од приходната страна, само 30% се реализирани, што се должи пред се на намалените средства за капитални трансфери, што е резултат на извршениот ребаланс на државниот буџет. Од она што е одобрено, центарот во текот на минатата година и почетокот на оваа година реализираше 8 проекти со видливи резултати. Не би сакала да правам споредба со останатите региони, но би сакала да истакнам дека ние имаме јавно признание од министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, дека во југозападниот плански регион се реализираат вистински, регионални проекти, а не ситни локални активности, вели директорката на Центарот за развој на југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска.    

Според советничката група на СДСМ, рамномерниот регионален развој, пред се претпоставува рамномерно однесување на централната власт, односно рамномерна распределба на средствата кои законски се доделени за регионален плански развој, а со тоа и локален економски развој.

Од тие средства општините немаат ништо. Државата треба да ги издвои и додели тие средства за регионален развој. Само со заборавање на суетите, со строго почитување на законските прописи и со ставање на интересите на граѓаните пред партиските интереси, може да се очекува дека сите општини кои се опфатени со еден регион ќе го имаат предвидениот бенефит, вели координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.


Советниците го изгласаа извештајот за  реализација на финансискиот план за 2011 година на    Центарот за развој   на Југозападниот плански регион, но не дадоја согласност за склучување на договор за соработка за воспоставување на регионален  одбор  за управување со отпад  во Југозападниот плански  регион. Советот ја изгласа и одлуката за проширување на средствата  во Буџетот на општина Охрид за  2012 година.

Т. Кувенџиска