Како што појасна раководителот на Секторот за собраќај при општина Охрид, Зоран Шикалоски, одлуката на советот е првиот чекор за изградбата на двата современи објекти кои ќе се градат по пат на јавно приватно партнерство, што значи дека општината во проектите влегува со сопственоста на земјиштето, комуналиите и изградбата на патната инфраструктра, додека пак обврска на партнерот е изградбата на објектите.
– Катната гаража ќе се гради на сегашниот паркинг простор кај градскиот пазар, на површина од 1300 метри квадратни и ќе располага со 320 катни места. Во централното градско подрачје во моментов има 1450 паркинг места, а со катната гаража оваа бројка значително ќе се зголеми. Со тоа ќе се придонесе кон намалување на сообраќајните прекршоци, ќе се зголеми општата безбедност на учесниците во сообраќајот. До пред два месеца општината не беше сопственик на земјиштето и затоа не можеше да се гради. Штом го добивме правото на сопственост на земјиштето веднаш се изготви елаборат за оправданоста од изградбата на објектот за да се стави предлог одлуката пред советниците, вели Шикалоски.
Што се однесува на новата автобуска станица, предвидено е на приземниот кат да се изградат современи простории за потребите на патниците и вработените, додека пак првиот кат ќе биде административно деловен простор.
За предлог одлуките за започнување на постапката за доделување на Договор за Јавно приватно партнерство за изградба на автобуска станица и катна гаража не гласаа советниците од ВМРО- ДПМНЕ кои сметаат дека двата објекти му се неопходни на градот, но како што велат, не се согласуваат со начинот на кој се сака да се протуркаат двата проекта.
– Прво затоа што осум години и два изборни циклуси оваа локална самоуправа ги добива во форма на поддршка преку лажно ветување дека ќе ги изгради што досега не е случај . Проблемот со катните гаражи е само предизборен трик на локалната смаоуправа. Ваквите објекти се мали во однос на инцевестицијата и локалната самоуправа мора да ги изгради и управува, а не тие да бидат цел на приватизација во вид на јавно приватно партнерство, вели координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски.
Освен за овие две предлог- одлуки, советниците на продолжението од 52- та седница расправаа и ги усвоија извештаите од работењето на јавните претпријатија.
.