Комуналната такса за користење на просторот пред деловни простории за вршење дејност нема да се наплатува по зони и се намалува на 5 денари во зимскиот период и 7,5 денари во летниот период.

Надоместокот за поставување на урбана опрема, исто така ќе се наплатува по летна и зимска тарифа, но по зони. Во летниот период за зона А надоместокот ќе изнесува 300 денари, за зона Б 250 денари и за зона В 200 денари. Надоместокот во зимскиот период ќе биде 150 денари.

Ова се висината на надоместокот за поставување урбана опрема и комуналната такса кои на денешната седница на советот беа утврдени од страна на советниците.

– После обавените разговори со претставниците на угостителскиот еснаф најдовме заедничко решение, прифатливо за двете страни. Како општинска администрација направивме отстапка и околу елаборатите. Ќе важат елаборатите од минатата година за тековната година, за да немаат угостителите дополнителни давачки за изработка елаборати по проекти кои треба да ги доставуваат при поставувањето на урбаната опрема, информира градоначалникот Јован Стојаноски.

Договорено е наплатата на надоместокот да се врши најдоцна 5-ти секој месец.

– За нас како локална самоуправа најважно е воведувањето на комунален ред. Дозволивме во зимскиот период, во рамки на елаборатот, да се достави проект кој ќе предвидува помал број маси и столици затоа што и немаат толкава потреба во зима. Најважно е да се дефинираат правилата на игра за да може да се воспостави комунален ред кој иснпекцијата мора да децидно го спроведува, вели Стојаноски. Градоначалникот додава дека при секои преговори има и незадоволни, но се надева дека степенот на незадоволство е сведен на разумен минимум.

Советниците од опозицијата сметаат дека е добро што се усогласени ставовите на локалната самоуправа и угостителите, но потенцираат дека треба да се води сметка одлуките да не се на штета на општината.

Т.Кувенџиска