Советот на општина Охрид на денешната 37-ма седница, ќе расправа по Предлог одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти.
Согласно измените во законот за угостителство, на градоначалникот на општината му се одзема правото по негов предлог, а со одобрение на советот, во летниот период да се продложува работното време на угостителските објекти за еден час. Но, со ново толкување на законот било утврдено дека за време на одржувањето на одредени туристички, културни и други манифестации содржани во годишната програма на општината, Советот може да го продолжи работното време на угостителските објекти за најмногу два часа, во времетраење од три дена.
На предлогот за корекција на работното време на угостителските објекти се спротиставува советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
– Никој не треба да се сомнева дека како и секогаш советниците од ВМРО ДПМНЕ со аргументи и ставови ќе бидат на страната на граѓаните. Тоа се ставови заземени на координацијата на советничката група пред седницата.- изјави Дејан Пановски, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ
Деновиве пристигаат реакции од жителите на стар град, кои се противат на било какво продолжување на работното време на угостителските објекти. Тие бараат работното време на угостителските објекти во стариот дел на Охрид, не само да не биде продолжено, туку истото да биде скратено до 23:00 часот на плажите, а сите оние кои исполнуваат услови за работа како ноќни клубови да добијат работно време кое е пропишано со законите, како и да се почитува во целост законот за бучавост.