Советот на Општина Дебрца на одржаната седница донесе одлука за предлагање за прогласување на заштитено подрачје Белчишко Блато Сини Вирој, во категорија Парк на природа, врз основа на Студијата за валоризација на Белчишкото Блато.
Со ова и официјално се иницира постапката за добивање на заштитен статус, согласно националното законодавство. Одлуката и Студијата ќе бидат доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање, информираат од Општина Дебрца.
Во Министерството за животна средина се одлучува за видот и степенот на заштита кои ќе го добие Блатото, по што следува и официјалното прогласување за заштитено подрачје.
Како што претходно напомена Ѓоко Зороски, проектен координатор од Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ , Белчишкото Блато е веќе означено од Министерството и како идно Натура 2000 подрачје, со што ќе биде дел од Европската мрежа на заштитени подрачја. Во оваа смисла Блатото нема да има значење само на ниво на државава, туку ќе има значење на ниво на Европа.
Со ова Блатото ќе добие и меѓународна димензија, врз основа не неговите природни, хидролошки вредности, бидејќи е еден огромен извор на свежа питка вода, од една страна, а во него се наоѓа и најголемата евлова шума во Македонија со површина од 30 хектари. Блатото е исто така и голем ресурс за развој на еко туризмот, кое во иднина ќе стане попопуларно, попознато и се надеваме малку подостапно, истакна Зороски.
OhridNews













