Советот на општина Охрид денеска на продолжението од 39-та седница, не ја изгласа одлуката за задолжување со долгорочен кредит во висина од 60.000 евра на Ј.П.„Градски гробишта“. За предлогот гласаа 11 советници, четворица беа против, а еден беше воздржан.

Директорот на јавното претпијатие, Драган Пандевски, истaкна дека претпријатието работи стабилно, со позитивни резултати и го оправдува своето постоење. Тој појасни дека кредитот кој го бара јавното претпријатие предвидено е да се искористи за изградба на четири јавни тоалети, три во христијанскиот дел од гробиштата, а еден во муслиманскиот дел, како и муслиманска капела.

И покрај ваквото образложение, предлогот не ја доби потребната поддршка од советничката група на ВМРО ДПМНЕ, од каде истакнаа дека не се против реализацијата на предвидените проекти, туку против начинот на кој се обезбедуваат средствата, односно задолжување со кредит, што според нив дополнително ќе ги зголеми финансиските проблеми на јавното претпријатие.

Советничката група на СДСМ побара членовите на Советот да гласаат за, бидејќи кредитното задолжување е нормален начин на стопанисување на претпријатијата.

OhridNews