Советот на општина Охрид на денешната седница не го прифати предлогот на локалната самоуправа за отпочнување постапка за замена на уличното осветлување, поради несогласувања околу предложениот персонален состав на Комисијата која требаше да ја спроведе јавната набавка и начинот  на реализација.

Градоначачникот Петрески претходно предложи измени во составот на комисијата, односно на претседателот, неговиот брат, Здравко Петрески, кој како што рече, бил предлог на претседателот на комисијата за јавни набавки за кој тој не бил информиран, како и на уште двајца други членови. На нивно место тој ги предложи Зоран Велјаноски, кој како што истакна е роднина на спикерот на парламентот Трајко Велјаноски, Лазо Ставрески, близок роднина на министерот за финансии Зоран Ставрески и Томе Змејкоски.

Ваквиот предлог опозицијата на советот го окфалификува како манипулација и политички маневар на градоначалникот, но и признание за направаената грешка. Координаторот на ВМРО ДПМНЕ, Дејан Пановски, истакна дека не е спорна потребата од замена на уличното осветлување со штедливи светилки, туку предложениот начин како тоа да се направи.

– Се согласуваме со потребата од инвестиција за замена на уличното осветлување, но моделот на јавна набавка не е прикладен за општината пред се од финансиски причини. Охрид треба најпрвин да се обрати со квалитетен проект до глобалните институции за финансиска поддршка. Такви фондови постојат и Охрид може да аплицира така што со добро изработен проект најверојатно би се обезбедиле потребните средства, рече Пановски.

Против предлогот се изјасни и мнозинството во советот, кое ја обвини опозицијата за неискреност, замерувајќи и што проблемите на општината се актуелизираат на прес конференции во Скопје, а не се решаваат со меѓусебен дијалог.

-Ние се залагаме час поскоро да отпочне реалзиацијата на овој исклучително значаен проект за граѓаните на Охрид, но за нас ваквиот начин на дискусија и водење на постапка е неприфатлив и со тоа не можеме да се согласиме, истакна Тунтев.

Инаку според предлогот на локалната самоуправа, беше предвидено да се изврши замена на уличното осветлување со диодни светилки кои овозможуваат заштета на потрошувачката на електрична енергија до 70 проценти. Вкупната вредност на проектот беше проценета на 150 милиони денари.

Градоначалникот Петрески најави дека целокупната постапка ќе почне од ново и дека ќе бидат разгледани сите забелешки и предлози при изготвување на новиот модел за замена на уличното осветлување, за кој повторно ќе треба да се изјасни Советот.

OhridNews