Со 10 гласа за, 6 против и 4 воздржани, советот не ја усвои предлог одлуката за учество на општина Охрид во уредување на градежното земјиште за изградба на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, која по иницијатива на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ беше ставена како точка на дневен ред на 31- та седница на советот, која продолжи денес.

Советниците не ја усвоија ниту препораката на советниците од ВМРО- Народна партија до градоначалникот Петрески, да ја разгледа законската можност за донесување решение за ослободување од плаќање на надоместок за градежно земјиште, со оглед на тоа дека советот на општина охрид нема надлежности за донесување на решение за ослободување од плаќање на надомест за уредување на градежно земјиште.


Пред да гласаат советниците, за законската издржаност на предлог одлуката се изјасна и секретарот на општина Охрид, Димитрија Вревезоски кој потенцира дека согласно Законот за локална самоуправа со кој се регулираат надлежностите на советот, не постои законска основа за донесување на таква одлука.


Според советничката група на ВМРО- ДПМНЕ пак забелешките дека усвојувањето на предлог одлуката би се косела со ингеренциите на советот и дека не е во согласност со законските прописи, се неиздржани. Од таму остануваат на ставот дека општината треба да учествува во уредувањето на градежното земјиште за изградба на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, затоа што станува збор за инвестиција која е од големо значење за градот.


Градоначалникот Александар Петрески потенцира дека општината досега веќе има вложено големи средства во изградбата на комплексот на Плаошник преку отстапувањето на сопственоста на земјиштето на државата и додаде дека  општината ќе вложува и преку уредувањето на инфраструктурата околу Свети Климентовиот Универзитет.

–   Досега до мене барање од страна на Владата во врска со плаќањето на комуналиите не е стигнато. Подолго време барам средба со министерот за финансии и за култура, за да ги прецизираме работите околу изградбата на комплексот, но не сум добил одговор. Според Законот за градба секој кој гради без соодветна дозвола, ќе одговара пред законот. Одобрение за градба на Плаошник општината нема издадено, со оглед дека за давање на такво одобрение мора комуналиите да бидат платени. Досегашните активности на просторот ги сметам за подготвителни. Доколку се обидат да градат без одобрение,  инспекториите ќе го затворат градилиштето и ќе се поднесат соодветни пријави против инвеститорите, рече Петрески. 

OhridNews