По бурна  расправа, градскиот Совет денеска одлучи да прифати нова, повисока цена на такси превозот во Охрид.

Наместо предложената корекција од десет денари за старт, советниците ја прифатија сугестијата на такси превозниците кои жестоко протестираа  и одлучија новата цена да изнесува 50 денари старт со вклучен еден километар и 30 денари од секој нареден изминат километар.



Поднесеното барање до локалната самоуправа таксистите го оправдуваат со покачувањето на цената на горивото.

Ја разбираме тешката економска состојба во која се наоѓаат граѓаните и нивната ниска платежна моќ, но ние за да ги одржуваме возилата и да имаме пристојна заработка сме приморани да ја бараме оваа цена, рече претседателот на Здружението на такси превозниците, Сашо Поп Донески.

Инаку, на дневен ред на денешната седница на советот, како предлог одлука беше новата цена на такси превозот да биде 40 денари за старт со вклучен еден километар и 25 денари за секој нареден километар. Како што истакна предлагачот, градоначалникот Александар Петрески, во Локалната самоуправа било долго размислувано и оваа цена била избрана како најсоодветна и за граѓаните и за такси превозниците.

Вашето барање е легитимно со оглед на постојаното покачување на цената на горивото, но исто така мора да го земеме во предвид и стандардот на граѓаните, рече Петрески. Градоначалникот даде предлог по ова прашање да се разговара на идната седница на советот или по завршувањето на изборите, што наиде на негодување од такси превозниците и дел од советниците.


По ова следуваше пауза и целосен пресврт на дотогашните тензии и расправии. Од страна на независниот советник Љупчо Настоски беше даден нов предлог за цена на такси превозот, односно онаа која ја бараа превозниците. По што советот едногласно го усвои предлогот. 

Задоволни од расплетот, охридските таксисти најавија дека ова лето нема да дозволат хаос во такси  превозот и дека ќе го почитуваат усвоениот ценовник на услуги.

OhridNews