Советот контра Петрески за Горица
Покрај опозициската ВМРО ДПМНЕ, која незадоволна од актуелните состојби во урбанизмот најави дека нема да поддржи ниту едно урбанистичко решение предложено од општинската администрација, воздржаност искажаа и советниците на СДСМ, која го предводи мнозинството. Тие изразија сомневање дека можеби во случајот има судир на интереси, бидејќи, сопственик на една од трите атрактивни парцели во Горица, кои предлагачот ги врати на повторно разгледување поради технички грешки, е лице чија фирма го изработила Урбаниостичкиот план за споменатиот комплекс.-Изработувач на овој локален урбанистички план е директор на планската куќа „Урбан“ и мислам дека законски не е дозволено фирмата на сопственикот на парцелата да носи ваков план-истакна Ѓорѓи Танески, советник на СДСМ.
Изнесената забелешка од Танески ги предомисли и другите советници од СДСМ, кои по кусата пауза, го променија ставот и гласаа воздржано.
– Не знаеме дали има конфликт на интереси, поради што гласаме воздржано во однос на посочениот локален урбанистички план, до оној момент додека не добиеме правно толкување дали со донесувањето на овој план се крши законот, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
Трите парцели кои не добија зелено светло од Советот, се протегаат на површина од околу 10 000 метри квадратни. Тие биле дел од 121 имот во комплексот Горица кој бил експроприиран во 1957 година и кој со одлука на Министерството за финансии минатата година им бил вратен на сопствениците. Во 2010 година овластената фирма „Урбан“ од Охрид го изработила урбанистичкиот план, во кој не е предвидена градба на дел од национализираните имоти, затоа што со одлука на Владата во 1997 година тие парцели поради државен интерес остануваат во сопственост на Република Македонија. Меѓу нив, според градоначалникот Петрески, имало имоти на блиски роднини на дел од советниците кои незадоволни што не биле опфатени со денационализацијата, не го поддржале предложеното урбанистичко решение, кое според него е во согласност со законот.
– Не навлегувам за кое лице се работи, која фирма го изработува урбанистичкиот план или дали е член на оваа или онаа политичка партија, но сметам дека доколку ги исполнува законските прописи, треба да помине. Очигледно дека советниците од различни побуди не гледаат така, но јас тврдам дека сите законски нормативи се исполнети и дека нема никаква причина советниците да не ја изгласаат измената во локалната урбанистичка документација за Горица, истакна Петрески.
Согласно измените во Законот за градба, локалните урбанистички документации веќе нема да ги носат советите на општините туку градоначалникот по одобрување од стручна комисија која ја формира локалната самоуправа. Градоначалникот Петрески, најави дека ќе ја искористи законската можност и доколку добие позитивно мислење од комисијата, ќе го одобри оспорениот план.
-Оваа точка беше ставена на Совет бидејќи процедурата започна според стариот закон. Сега истата локална урбанистичка планска документација ќе треба да ја разгледаме согласно новиот закон. Сметам дека посочениот план ги исполнува потребните услови, поради што сигурно ќе го потпишам, односно истиот ќе биде одобрен, појасни Петрески.
И по денационализацијата проблеми – локацијата кај Горица
На парцелите кои предизвикаа конфронтација на релација Совет – градоначалник, предвидена е изградба на хотел и објекти за спорт и рекреација.