Советот за етика во медиумите на Македонија со реакција во врска со вчерашниот физички напад врз новинарот на телевизија Телма.

– Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудува физичкиот напад врз новинарот на Телма, Павле Беловски и смета дека со таквите инциденти и опструкции сериозно се загрозува слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана, велат од советот.

Оттаму, додаваат дека тоа што се случи во текот на вчерашниот ден е уште еден доказ дека ситуацијата е загрижувачка и ги открива тенденциите да се попречува работата на новинарите во известувањето за прашања од јавен интерес.

– За СЕММ е целосно неприфатливо на каков и да е начин да се спречува  професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било закани и притисоци. Насилството врз новинарите и медиумските работници е сериозен проблем, за кој е потребен системски и координиран одговор од надлежните институции. Апелираме до нив да ги преземат соодветните мерки за целосно расветлување и расчистување на овој инцидент. Решавањето на случаите од овој вид ќе го обесхрабри повторувањето на ваквите чинови на насилство и притисоци врз  медиумите, се наведува во реакцијата.

OhridNews