Следење на состојбите поврзани со малолетничкото престапништво, покренување на иницијативи за нивно подобрување и развивање на програми за вклучување на локалната заедница во превенција на малолетничко престапништво и третманот на малолетните сторители на кривични дела и прекршоци, се меѓу основните задачи кои во текот на оваа година е предвидено да ги реализираат членовите на Советот за превенција на малолетничко престапништво.


За следењето на состојбите поврзани со малолетничко престапништво, советот ќе добива периодични извештаи од СВР- Охрид, Центарот за социјални работи и Основен суд Охрид, како и стручните служби во основните и средните училишта.

Во зависност од добиените состојби и извршените анализи, ќе бидат покренати иницијативи, со цел да се подобри состојбата.

Меѓу другите иницијативи кои се планира да бидат превеземени, се и низата психолошко-педагошки, едукативни и социјални активности и социјални вештини, како и активности кои ќе гарантираат поголема безбедност и сигурност на младите, пред се во образовните институции, здруженијата, институциите, но и воопшто во општината.

Во рамки на предвидените вонучилишни активности, ќе се организираат што повеќе спортски настани со рекреативен и натпреварувачки карактер, креативни работилници за изработка на фотографии и накит, ликовни и литературни работилници, забави и сл.

Програмите предвидуваат и активности за намалување на пороците (дрога, алкохол и тутун и заштита на репродуктивното здравје), преку организирање на едукативно-превентивни настани, кампањи за дестигматизација на лица зависници од болестите на зависност, кампањи за поригорозна контрола на Законот за пушење и точење на алкохол на малолетни лица, отварање на инфо линии за млади, кампањи за спречување на насилството, вклучувајки насилство помеѓу млади, врз млади, насилство во врска на адолесценти, семејно насилство, насилство на спортски натпревари, како и кампањи за промовирање на позитивни модели на идентификација и истакнување на позитивни вредности.

Општина Охрид е меѓу првите неколку градови во кои преку формирање на Совет за превенција, се превземаат активности за сузбивање на асоцијалното однесување на младите.

OhridNews