Конституиран општинскиот совет за превенција на малолетничко престапништво, согласно неодамна донесената одлука од страна на советот на општина Охрид .

На денешната, прва седница на Советот за превенција, за претседател беше избран Димче Каневче , претставник на Младинскиот совет од Охрид.

Како што беше најавено, на наредната седница на советот ќе биде донесен  деловник и програма за работа.

Општина Охрид е меѓу првите неколку градови во кои преку формирање на Совет за превенција, ќе се превземаат активности за сузбивање на асоцијалното однесување на младите.

Советот ќе ги следи состојбите во областа на малолетничката деликвенција, ќе прави анализи , ќе покренува иницијативи за подобрување на состојбата и ќе  развива програми  за учество на локалната заедница во решавањето на проблемите во однос на малолетничко  престапништво.

Согласно Законот за малолетничка правда, Советот за превенција го сочинуваат претставници од министерството за внатрешни работи, од Центарот за социјални грижи, Јавното обвинителство, Основниот суд, советот на родители од основните и средни училишта, претставници од невладини организации и медиуми.

Еднаш во годината советот има обврска да носи Годишна програма, да поднесе  извештај за својата работа до советот на општина Охрид, како и до Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво.

OhridNews