Предизвиците на локалните власти при примената на законите од областа на урбанизмот и комуналните дејности, се главна тема на стручната расправа што вчера и денес се одржува во Струга.

На расправата која  ја организираат ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски, присуствуваат градоначалници и претставници од одделенијата за урбанизам и комунални дејности на сите општини од  Република Македонија.

Според агендата, вчера општинарите разговарале за Законот за третман на бесправно изградени објекти и Законот за градење и се запознавале со концептот за воведување на систем за електронско издавање на одобрение за градење.

Денеска во рамки на советувањето ќе бидат разгледани забелешките на Предлог-законот за комунални дејности, а ќе се дискутира и за новиот концепт на Предлог-законот за регистар на подземни објекти и инфраструктура. Урбанистите ќе расправаат и за иницијативите за утврдување на локации за изградба на објекти за индивидуално домување и лесна индустрија, за откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи, како и за функционирањето на технолошко-индустриските развојни зони во општините.

OhridNews