Универзитетски експерти и претставници на научно-истражувачки центри од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Романија и од Косово зедоа учество на 36-то традиционално Советување за заштита на растенијата што вчера и денес се одржува во Охрид.

На овој научен собир, кој го организира  академското Здружение за заштита на растенијата на Македонија го отвори  Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски. Тој во своето обраќање пред присутните истакна Македонија доби високи оценки во последниот извештај на Европската комисија, во процесот на исполнување на европските стандарди во  заштита на растенијата и производството на здрава и безбедна храна.

 – Она што останува како проблем за решавање е токму овој дел што се однесува на фитосанитарната контрола, за кој се дискутира овде во Охрид. Министерството за земјоделство, во консултација со научните институции – Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје и Земјоделскиот факултет од Штип, интензивно работи на изготвување програма насочена пред се токму кон заштита на интересите на македонскиот земјоделец, преку обезбедување здрав, сертифициран семенски материјал, третман со соодветни заштитни препарати и ѓубрива, рече министерот Димовски, во својот говор пред присутните.

 Тој истакна дека Република Македонија има стратегија за развој на земјоделството, која веќе бележи резултати.

 – Показател на тоа е податокот дека наспроти 242 милиони евра остварени од извозот на македонските земјоделски производи во 2006 година, минатата година во таа област се реализирани 440 милиони евра, што е безмалку двојно повеќе. Последните податоци за оваа година говорат дека извозот ќе биде зголемен на околу 500 милиони евра, објасни министерот Димовски.

Тој нагласи дека тоа е резултат на трудот на македонските земјоделци, но и на активностите што Министерството и Владата ги преземаат за унапредување на аграрот.

OhridNews