Започна со работа новата просторија на Подрачното одделение за катастар на недвижности, во кое од денес ќе функционира и електронски катастар.

Современо уредената просторија наместо на досегашните три, од сега ќе ги дочекува граѓаните на шест шалтери со што се очекува намалување на досегашните метежи и чекањето на граѓаните за добивање на услугите.


– Станува збор за репрезентативна и современа шалтерска сала каква што му доликува на град како Охрид, во која сега ќе функционираат повеќе шалтери. Со тоа, во голема мера ќе се зголеми ефикасноста во работењето. Од примената на електронскиот катастар, пак, бенефитот ќе биде голем како за граѓаните, така и за надлежните кои ќе можат да го следат работењето на вработените, објаснува Валентина Христова, портпарол на Агенцијата за катастар на недвижности.

Со примената на електронскиот катастар, ќе се поедностави вадењето на документи, а ќе може да се вадат имотни листови и без да се патува во градовите во кои функицонира електронскиот катастар.


– При поднесувањето на барањата на шалтерите, граѓаните ќе добиваат пријава на која ќе стои датум и час кога е поднесено барањето кое веднаш влегува во процедура и на кое треба да се одговори во законски предвидениот рок. Исто така, ќе може од дома да се врши увид врз статусот на предметот, потенцира Христова.

Покрај осовременувањето на подрачното одделение, новина во работењето на охридскиот катастар е и тоа што во моментов нема ниту еден нерешен предмет.


Тоа е заслуга на тимот кој неодамна беше составен и со чие залагање беа отстранети проблемите. Со новиот шалтерски систем и осовременувањето во работењето, се надевам дека одделението ќе продолжи успешно да работи и во иднина, истакна раководителот на охридското Одделение за катастар на недвижности, Симо Костојчиновски.


Во извршените контроли во месец февруари, во охридското Одделение за катастар беа евидентирани бројни проблеми, а над сто нрешени предмети во фиоките на  канцелариите. По тоа следуваа санкции за дел од вработените, а беше сменет и раководителот на одделението.

Тања Кувенџиска