По единаесет години успешна работа, билингвалната група „Мозаик“ за грижа и воспитување на деца од различна етничка припадност од претшколска возраст, која функционира во рамки на градинката „Сонце“ во Струга ќе престане со работа, доколку Министерството за труд и социјална политика не им го реши статусот на двете воспитувачки. Швајцарската амбасада со чија помош се реализираше проктот во повеќе општини, пред две години престана да ги финансира трошоците за воспитувачките кои работат во двојазичната група, кои согласно одлуката на Влада треба да бидат преземени од државата.


– Ние имаме документ со кој што владата дава согласност за постоење на нашите групи и за прифаќање на околу 20 воспитувачки кои што треба да влезат под закрила на Министерството за труд и социјала. Тоа во овие две годиони не се случи и сеуште чекаме. Сите ние имаме потреби секој оди на работа за плата и да е осигуран, ние тоа го немаме и планираме доколку тоа не се случи да ја затвориме групата, изјави Венера Јоноска – воспитувачка во „Мозаик“.


Трошоците на воспитувачките во меѓувреме со нередовни хонорари во висина од 8000 денари ги покрива локалната самоуправа, но тоа ни од далеку не ги задоволува потребите за непречено функционирање на двојазичната група, која како што нагласуваат воспитувачките, е вистински пример за градење на соживот во мултиетничка Струга.

-Децата тука доаѓаат на возраст од 3,5 до 5,5 години, кога не знаат друг јазик. Тука другиот јазик се учи спонтано, исто така учат да бидат толерантни, да ги прифаќаат сите дечиња без оглед на кој јазик зборуваат, се запознаваат со традициите на другата нација, и сметам дека за нашето поднебје е една идеална програма затоа што Струга е мултиетнички град, вели воспитувачката Зуал Реџепоска.


Загриженост од можноста да згасне проектот „Мозаик“ изразуваат и родителите на децата кои се опфатени со програмата, според кои, доколку тоа се случи последиците ќе ги почувствува пошироката заедница.

– Моето дете тука ги научи другите култури, научи да не ги дели децата, да нема предрасуди, научи што значи соживотот со другите деца и сметам дека згаснувањето на оваа група ќе влијае на соживотот, смета родителот Јулијана Ложанкоска.


-Не можам да замислам евентуално да прекине оваа група или на воспитачките да не им се помогне да добијат статус. Со тоа ќе изгубиме сите, родителите, децата, Струга и целата држава ако се размислува националистички во наводници се разбира, затоа што ова е доказ дека децата можат да учат заедно да се дружат и да помогнат во развој на оваа земја утре во секој елемент, додава Д-р Јован Трпеновски, чие дете е дел од групата „Мозаик“.


Поради слични проблеми досега згаснаа неколку билингвални групи од проектот „Мозаик“, но стружани се надеваат дека надлежните институции ќе изнајдат решение и ќе го решат статусот на воспитувачките, со што проектот кој покажува исклучителни резултати и натаму ќе продолжи да функционира. Поддршка на воспитувачките најавија сите родителите на децата кои ја посетуваат групата „Мозаик“. Тие денеска ќе одржат јавен собир од кој ќе ја испратат својата порака до институциите.

Горан Момироски