Со четири натпревари од групите А и Б продолжи Светското првенство во фудбал. Домаќинот Мексико, Канада и Швајцарија забележаа важни победи во второто коло, додека Чешка и Јужна Африка ги поделија бодовите.

Во групата А, Чешка и Јужна Африка одиграа нерешено 1:1, резултат што дополнително ја зголеми неизвесноста во борбата за пласман во осминафиналето. Во вториот натпревар од групата, Мексико со минимални 1:0 ја совлада Јужна Кореја и се искачи на врвот на табелата со максимални шест бодови.

Во групата Б, Швајцарија беше убедлива против Босна и Херцеговина, славејќи со 4:1, додека Канада ја забележа најубедливата победа во досегашниот тек на шампионатот совладувајќи го Катар со 6:0.

Но триумфот на Канада остана во сенка на тешката повреда на еден од најважните играчи во тимот, Исмаел Коне.

24-годишниот играч за врска се здоби со сериозна повреда по груб старт на катарскиот репрезентативец Асим Мадибо во 54. минута од натпреварот во Ванкувер. Коне остана да лежи на тревникот во големи болки, а по неколкуминутен прекин беше изнесен на носилки и итно пренесен во болница. Според информациите објавени од повеќе светски медиуми, фудбалерот се здобил со скршеница на ногата и ќе мора да биде подложен на хируршка интервенција.

По два одиграни натпревари, Мексико е лидер во групата А со шест бодови, пред Јужна Кореја со три, додека во групата Б водат Канада и Швајцарија со по четири освоени бодови.

Светското првенство продолжува денеска со натпреварите од групите Ц и Д, каде на програмата се дуелите САД – Австралија, Шкотска – Мароко, Бразил – Хаити и Турција – Парагвај.

OhridNews