Македонската ракометна репрезентација ја „штиклираше“ Јапонија совладувајќи на стартот од Мундијалот, а репрезентативците имаат еден ден да ги избистрат главите, одморат и насочат кон Бахреин кој е втор ривал во фазата по групи.

Убедливата победа против „самураите“ му даде простор на македонскиот селектор Раул Гонзалес да ротира и да ги заштеди силите на поискусните. Шпанецот на следниот ривал му дава исто значење како и претходно на Јапонија.

  • Пристапот нема да го менуваме без разлика за кој противник се работи. Бахерин одигра добро против Шпанија и мислам дека треба да го земеме тоа во предвид. Затоа треба да имаме почит кон противникот и да не влеземе во мечот како победници, туку да ја обезбедиме победата. Нашиот следен ривал негува друг стил на игра во однос на Јапонија, што ќе значи менување на тактиката, но целта останува иста. – изјави селекторот.

На претпазливост пред дуелот со Бахреин повикува и капитенот Кирил Лазаров кој на мечот со Јапонија беше прв стрелец со осум погодоци. – Бахреин одиграл квалитетно против Шпанија. Се работи за поквалитетна екипа од Јапонија. Тоа значи дека треба да бидеме многу повнимателни, не смееме да дозволиме да не успие победата од девет гола разлика над Јапонија. Победа со Бахреин би ни значела многу. Очекувам тежок меч и голема борба. Мораме да сме максимално сконцентрирани и да одиграме најдобро за да можеме да се надеваме на победа. Важно е што здравствениот билтен е добар. Денеска ниту еден играч не се пожали за некаква повреда. Тоа ме радува, тоа значи дека утре сите можеме да дадеме максимум. Ме загрижува тоа што од утре играме ден за ден. Нема да имаме пауза, нема да имаме време за анализирање, за рекуперација. Да не се повторувам дека ростерот ни е таков каков што ни е, подмладен, неискусен.

„Црвено жолтите“ мечот со Бахреин го играат во 14 часот, а во втората рунда од нашата група ќе се сретнат уште Хрватска – Јапонија и Шпанија – Исланд.

OhridNews