Селекцијата домаќин на Мундијалот, Бразил најавува поход кон титулата која до сега дури пет пати стигнувала во „жолтите“ витрини.

– Ова е наше Светско првенство. На сите бразилци сакам да им кажам дека времето дојде и сега на нас е редот. Имаме седум чекори кои мораме да поминиме, но ние ќе одиме чекор по чекор. Прв ривал ни е Хрватска, а потоа ќе мислиме на наредните шест – потенцираше селекторот на „кариоките“, Луис Филипе Сколари.
Еден од адутите на бразилците е фудбалерот на Барселона, Нејмар од кој (ќе) зависат многу работи во бразилската селекција. Тој е свесен за животната шанса која им се пружа на репрезентативците.
– Нестрплив сум до почетокот на натпреварот, а исто така и среќен што сме тука. Сакам сега, веднаш да почне натпреварот и да истрчаме на теренот. Искрено се надевам дека можам да и помогнам на селекцијата и сите заедно да ги исполниме нашите и соништата на навивачите – истакна Нејмар.
Последен пат „кариоките“ на титулата од Светското првенство се радуваа 2002 година на Мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја.
Мх.П.











