Европскиот првак Шпанија за прв пат во својата историја ќе игра во финалето на Светското Првенство. Репрезентацијата која пред две години ја освои европската е само на еден натпревар од светската титула.


Нивниот противник Холандија, се надева на “трета мајка“. Два пати досега “лалињата“ играа во големото финале, но и во двата наврати беа поразени од домаќинот 1974 од Германија, 1978 од Аргентина.

Кој и да победи ќе биде осмиот светски првак, досега светот го освоија: Бразил (5 пати), Италија (4), Германија (3), Аргентина (2), Уругвај (2), Англија и Франција по еднаш.


Шпанците кои беа најголемиот фаворит на почетокот на Мундијалот, со по 1-0 ги елиминираа своите ривали во нокаут фазата, но селекторот Висенте дел Боске повикува на претпазливост.

– Еден професионален спортист не смее да се радува пред да освои нешто. Холандија игра добро, го елиминираше Бразил, не смее да се заборави дека и пред првенството беа спомнувани како едни од фаворитите. Мора да ја задржиме смиреноста и позитивниот дух. Така стигнавме до финалето и мора да продолжиме по истиот пат – вели Дел Боске.


Дирк Кајт смета дека Германците се исплашиле од Шпанија и затоа загубиле во полуфиналето.

– Се гледаше дека Германците се исплашени и затоа загубија. Не се ни обидоа да нападнат. Ако играме како Германија, сигурно ќе загубиме. Ние апсолутно немаме страв. Никој од нас не се чувствува послаб или помал од противникот. Ги почитуваме, но не им се плашиме. Веруваме дека секого можеме да совладаме – вели Кајт.

Холандија или Шпанија, која и да победи ќе биде првата европска селекција која ќе слави надвор од својот континент.

Ohridnews