Единствената африканска репрезентација Гана која остана во игра за место во осмина финалето ќе биде изложена на тежок тест против трикратниот светски првак Германија.Гана е лидер во групата Д по две одиграни кола, но вечерва (почеток 20.30 часот) по третиот меч може и да не се пласира во осмина-финалето на СП. Дуелот ќе го обележи и пресметката меѓу двајцата браќа со презиме Боатенг, Германецот Жером и Ганецот Кевин Принс.
Токму Кевин Принс на последниот натпревар во Англија во финалето од ФА купот , помеѓу Портсмут и Челси го повреди капитенот Михаел Балак кој го пропушти Мундијалот.
– Не сум среќен што се случи тоа, но по мечот ќе се видам со него, ќе се поздравиме и ќе го гушнам. Ова е СП, вистинско време да се смириме. Инаку, трипати му се извинив на Балак, не беше намерен фаулот, едноставно задоцнив со лизгачкиот старт – вели Кевин Принс кој играше за младинската селекција на Германија, а потоа реши да настапува за сениорскиот тим на Гана.
Во вториот натпревар во групата во Нелспруит се среќаваат Србија и Австралија. Победа ги води “орлите“ во осминафиналето додека пак математиката вели дека победа на Србија и реми на другиот меч од групата, нашиот северен сосед ќе го освои првото место. Нерешен исход на Србија ќе и’ носи пласман понатаму само ако Гана ја порази Германија. И Австралија има теоретски шанси за влез меѓу 16-те најдобри. На „сокеросите“ им треба победа над Србија, а истовремено и триумф на Гана против Германија.
– Австралија игра колективно, борбено, чесно, а тоа го докажа кога ја запре Гана иако играше со 10 играчи. Го почитуваме нивниот квалитет, но ќе сториме се’ да ги победиме – рече Дејан Станковиќ кој игра на своето трето СП со три различни земји. Во 1998 играше за СР Југославија, пред четири години за Србија и Црна Гора, а сега за Србија.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com